Бектеши ги поддржува угостителите за работа во недела

Бектеши ги поддржува угостителите за работа во недела

Скопје, 30. ноември 2020 (ИНПРЕС) – Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека во делот на угостителството и туристичката дејност нема потреба од измени во однос на работењето во неделите, додека кај трговијата на големо најави одредени измени.

Сепак, конечното решение во врска со предлогот неделата да биде неработен ден, во делот на законите кои се во надлежност на ова министерство, ќе биде соопштено откако за предлог решенијата ќе се изјаснат бизнисите, односно стопанските комори.

– Јас мислам како угостителите и туристичките дејности. Нашиот став е да нема измени кај законите за туристички дејности и угостителство имајќи предвид дека и во постојното законско решение е предвидено и работното време, изјави Бектеши одговорајќи на новинарско прашање по потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за економија и Стопансската комора на северозападна Македонија.

Бектеши рече дека се прават компаративни анализи со државите во регионот, но и со државите од ЕУ.

– Нас не допираат четири законски решенија – Законот за трговија, Законот за занаетчии, Законот за угостителство и Законот за туристичка дејност, каде што децидно се предвидени и работното време што се однесува до овие сектори, рече министерот за економија.

Во моментов, како што објасни, при крај се анализите по што ќе се отвори дискусија со стопанските комори, за што ќе придонесе и потпишаниот меморандум за соработка.

– Што се однесува до туристичките агенции, односно во секторот на туристичка дејност и угостителството најверојатно ќе остане постоечкото решение до средината на наредната година, а што се однесува до Законот за трговија се прават неколку опции, посебно за трговијата на големо каде што ќе има одредени измени. Но, измените нема да бидат веднаш бидејќи треба да бидат информирани сите учесници во бизнисот, изјави Бектеши.

До овој момент се разговарало со угостителите, со компаниите од туристичката дејност кои сметаат дека не треба да се направат никакви измени во периодот што следува, рече Бектеши, појаснувајќи дека кај Законот за трговија, за малопродажните капацитети во моментов нема да има измени и ќе работат како што е во постојниот закон.

– Кај трговијата на големо, магацините, или пак големите супермаркети има неколку опции кои ние како министерство ќе ги пратиме на разгледување во Владата и откако ќе добиеме мислење од стопанските комори ќе излеземе со решение, рече Бектеши.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа рече дека во петокот имале состанок во Владата со заменик премиерот за економски прашања и со министерката за труд и социјална политика во врска со ова прашање, при што ги истакнале барањата да се почитуваат некои правила каде што дел од бизнисите кои што оперираат за викенди да можат да си ја вршат дејноста.

– Но, треба да се запази и делот сите вработени да имаат еден ден одмор во текот на неделата и тоа да се почитува. Исто така истакнавме да не се брза со ова прашање бидејќи информациите кои ги добивме од Министерството за труд и социјална политика треба да ги разгледаме и да излеземе со наши предлози во однос на ова прашање, рече Хоџа. (Крај)

извор: Независен фото: архива