Коњановска: До ниту една комисија не беа испратени материјалите за денешната седница

Коњановска: До ниту една комисија не беа испратени материјалите за денешната седница

Охрид, 4. декември 2020 (ИНПРЕС) – На денешната седница на Советот на општина Охрид е предвидено да се разгледуваат и по нив да се одлучува дури за 64 точки, а извесно е дека ќе биде барано да се дополни со уште 7 точки дополнување на дневен ред, што стана пракса, порача на денешната прес конференција д-р Гордана Коњановска, координатор на советничка група на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

-Покрај останатите ќе се разгледуваат предлог-извештаите за реализација на програмите за работа на речиси сите организациски единици на локалната самоуправа, Извештајот за остварување Буџетот на општината од јануари до септември, извештаите за работењето и постигнатите резултати на јавните претпријатија, но и нацрт-програмите за идната година, ќе се утрврдува фискалната стратегија за 2021 како и нацрт-буџетот за наредната година. Секако, по правило и денес ќе се носат одлуки за технички исправки, нешто без што не поминува ниедна седница. Ќе се осврниме на некои позначајни аспекти на предложените одлуки. Имено, Јавните претпријатија и натаму „живуркаат” по принципот еден чекор напред, два чекори назад. ЈП „Водовод“ Охрид кое имаше можност за нов страт точно пред една година, кое наплаќа за 30% повисоки цени кон граѓаните, со своите 245 редовно вработени и уште дури 18 вработени со договори за времено ангажирање, иако ги зголемило побарувањта дури за 17 милиони денери, сепак отпишало долг од близу 6 милиони денари, го зголемило вкупниот износ за плати и периодот го завршува во негатива. Комуналец вкупните приходи ги намалил за близу 3 милиони денари, ама зато расходите ги зголемил за 5 милиони во однос на истиот период лани. Градски гробишта бележи раст на вкупните приходи од 1.300.000 денари ама затоа обврските кон добавувачите се зголемени за близу три милиони. Она, што сепак треба да е во фокусот на оваа седница се нацрт-програмите, фискалната стратегија и нацрт-буџетот. Кога ќе се погледнат истите се добува впечаток дека се однесуваат за некое друго време, време во кое нема ниту пандемија, ниту се погодени основните стопански дејности на градот, нема сиромаштија и граѓани кои останале без работа. Замислете, во Програмата за локален економски развој општината учествува со само 2 милиони денари (останатите се од проекти), Во Програмата за развој на туризмот во делот на ублажување на последиците од пандемијата со само 1.800.000 денари, вкупниот износ со кој се буџетира заштитата на животната средина е нешто над 4 милиони денари, за социјална заштита ннешто над 3 милиони денари, за култура 5.400.000 денари, за детска заштита 6.500.000 денари, а за спорт неверојатни 20.765.000 денари. Никој не ја спори важноста на спортот и потребата истиот да се поддржува со средства од буџетот на општината. Ама да предвидите само за спорт, колку за: ЛЕР, за активни мерки за ублажување на последици од КОВИД-19 кризата, за животна средина, за социјална заштита, за култура и за детска заштита заедно е навистина скандалозно, истакна Коњановска.

Таа додаде дека што се однесува до фискалната стратегија, таа е напишана во стил на есеј, со безброј флоскули и многу малку вистинска стратегија.

-танува јасно од истата дека сè уште не знаеме (или не се споделува со Советот и јавноста вкупниот износ на преостанатиот долг на општината). Таа останува со блокирана сметка и покрај потрошените неверојатни близу 9 МИЛИОНИ ЕВРА кои Владата со закон ги отстапи за раздолжување. Во нацрт-буџетот се предвидува значајно зголемување на приходите од околу 95.000.000 денари кои треба да се слеат во буџетот како надомест за уредување на градежно земјиште. Тоа би значело дека на Охрид му следи нов бран на градежна експанзија. Притоа за жал во расходната ставка во Програмата за уредување на градежно земјиште дури 38 милиони денари повторно ќе се исплатат по судски решенија. Во нацрт-програмата за уредување на градежно земјиште за наредните три години (2021-2023) за експропријација на заради уредување на градежно земјиште се планираат 25 милиони денари, а дури 45 милиони ќе бидат исплатени по судски решенија и стари обврски. Ова значи дека и во иднина ќе никнуваат градби кои ќе останат да функционираат во субурбани услови, без приодни патишта и околна инфраструктура, какви што имаме и досега со години наназад. И за крај, оваа е посебна по тоа што некој своеволно донел одлука да ја суспендира работата на комисиите на Советот. Имено до ниту една комисија не беа испратени материјалите за оваа седница иако Статутот на општина Охрид во членот 41 е јасен дека пред изнесување на прашања пред Советот надлежната комисија расправа за прашањето и зазема став и за тоа го известува Советот.
Досега во ниту еден момент не го проблематизиравме држењето на седниците онлајн. Сметавме дека на тој начин даваме придонес во спречувањето на ширењето на КОВИД-19. Но, да се прескокнат комисиите кои во вакви моменти даваат единствена можност да се чујат образложенијата на претставниците е без преседан.
Своето несогласување со ваквата постапка ќе го изразиме на начин што и покрај тоа што ќе присуствуваме на седницата, за да ги чуеме дискусиите на колегите од владејачкото мнозинство во Советот и нивните ставови по предложените одлуки, нема активно да учествуваме и ќе ја „напуштаме” седницата кога ќе биде гласање по било која од предложените одлуки. Свој придонес во наредниот период кон подобрување на буџетот и поадекватно насочување на средствата на граѓаните кон проекти кои ќе значат решавање на нивните проблеми и подобрување на животот во градот ќе дадеме преку амандмани кон овој нацрт-буџет, потенцираше д-р Гордана Коњановска, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ