Охрид, 15. декември 2020 (ИНПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор Vox Lychnidos и во услови на пандемија продолжува да нижи успеси.
Хорот учествуваше на првото издание на Меѓународниот хорски фестивал „Мелодианум“ во Кикинда, Република Србија, што се одржа online.
Во конкуренција на 42 хорови, освоивме златен и сребрен медал во категориите духовна хорска музика и мешани камерни хорови, вели за Супер радио и InPress диригентот Бурим Хидри.
– Поради актуелната состојба учеството ни беше online. Во категоријата духовна хорска музика се претставивме со три композиции: Agni Parthene – St. Nectarius; Bogoróditse Djévo – Arvo Pärt и Tebe Pojem – S. Mokranjac и освоивме сребрен медал со 88 поени, додека во категоријата мешани камерни хорови (до 28 хористи) исто така имавме подготвено три композиции: Stabat Mater – Z. Kodaly; Боса Роса – Г. Гавриловски; Only You – Yazoo, arr. 8 Voices и на наше огромно задоволство го освоивме златниот медал со 95 поени, рече Хидри.
Градскиот мешан хор Vox Lychnidos се прилагоди на тековните услови и веќе втор месец одржува online проби, кои се реализираат преку апликацијата Zoom. Ентузијазмот на хористите и иницијативноста на диригентот придонесува и во новата реалност во која живееме да не престане нивната работа. Покрај редовните проби, хорот е дел и од одбележувањето на 250 годишнината од раѓањето на композиторот Лудвиг Ван Бетовен. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива