Во Охрид ќе се одбележат 250 години од раѓањето на Лудвиг ван Бетовен

Во Охрид ќе се одбележат 250 години од раѓањето на Лудвиг ван Бетовен

Охрид, 17. декември 2020 (ИНПРЕС) – Со бројни активности, денес во Охрид ќе се одбележат 250 години од раѓањето на еден од најпознатите светски композитори Лудвиг ван Бетовен.

На повеќе локации во градот ќе се слушаат негови дела, дел од акцијата се и охридските угостители и медиуми, а на локалното Супер радио ќе се емитуваат современи верзии на најпознатите дела на Бетовен.

Учениците од охридската Гимназија имаа своја изведба на „Ода на радоста“.

Охридскиот музички еснаф, заедно со Ѓоко Танески и Жармена Китрозоска како солисти снимија своја верзија на безвременската композиција на Бетовен.

Охрид во чест на Бетовен со Градскиот мешан хор Vox Lychnidos и „Ода на радоста“.

Дел од учениците во ОМУ „Методи Патче“ се приклучија кон иницијативата и дадоа придонес кон одбележувањето.

Овие и бројни други активностите се на иницијатива на професорот Зоран Тунтев од лајонс клубот „Лихнидос“ од Охрид.

Лудвиг ван Бетовен е еден од најпознатите светски композитори од класицизмот и раниот романтизам. Роден е во декември 1770 година во семејство со холандско потекло, а живеел и кариера направил во Виена. На само 30 годишна возраст полека почнал да го губи слухот, кој целосно го изгубил на 46 години. Последните десет години живеел целосно глув, но не престанал да компонира. Всушност, некои од неговите најдобри дела се компонирани тогаш. Умрел во 1827 на 56 годишна возраст. Бетовен не се оженил и немал свои деца. Го посвоил синот на неговиот покоен брат. Бил познат по својот незгоден и нервозен карактер кој често му пречел во социјалните контакти.

Творештвото му е големо и се состои од два дела. Лесни и едноставни композиции кои Бетовен ги компонирал за издавачите. Тие се печателе и се продавале во продавниците и пред се имаат комерцијален карактер. Тоа се претежно песни, варијации, багатели (најпозната е багателата „За Елиза“). Другиот дел му се дела со голема уметничка вредност на кои тој им посветувал големо внимание и многу време. Главна карактеристика на овие дела им е драматиката и длабоката смисла. Ги компонирал долго и размислувал за секој тон. Еве некои од неговите најзначајни дела: опера „Фиделио“, 32 сонати за клавир, 5 концерти за клавир, Свечена миса, 9 симфонии… (Крај)

извор: ИнПрес фото: ЛК „Лихнидос“