Свети Никола Мириклиски – Чудотворец

Свети Никола Мириклиски – Чудотворец

Охрид, 19. декември 2020 (ИНПРЕС) – Православните христијани денес го прославуваат денот на Свети Никола Мириклиски – Чудотворец, еден од најпразнуваните во Охрид.

Свети Никола е чудотворец и заштитник. За свој патрон и заштитник го имаат прифатено морепловците, рибарите и воопшто морепловството – кои се молат пред неговата икона за мирно море. Роден при крајот на 3 век во Патара во Ликија, од многу богати и угледни родители Теофан и Нона, син единец подарен од Бога, но родителите го посветуваат на Бога, на кого тој му служи како верен пастир, проповедник и ревносен исполнител.

Свети Никола е вистински пример на вистински пастир, чија љубов кон ближниот е нешто примарно и свето и основа за едно ново во кое луѓето ќе се третираат како синови Божји, а тоа значи ползување еднакви права на земните блага. Неговата самопрегорна служба на Господа Христа и малиот човек го издигна високо и го овенча со вечна слава. Делата на овој голем светител никогаш нема да згаснат. Тие вечно ќе живеат оти се изградени на вечната евангелска вистина. Тие ќе служат на сите следбеници Христови како жив пример за правда и хуманост-секогаш и за секого. Да се помолиме на св. Никола духот на љубовта Христова да завладее во нас и да бидеме удостоени да го следиме неговиот пат, кој преку добри дела води до вечност.

Името на Свети Никола се почитува и на источните и на западните страни. Земјите во кои Свети Никола никогаш не бил, го сметаат за свој застапник и покровител, му прибегнуваат оние што учат, мајките му се молат за своите деца, болните ја бараат неговата помош.

Светителот на сите им се покажува како близок, достапен и брз помошник, пријател и застапник во несреќите. Свети Никола е светец кој подеднакво го слават Христијаните и Католиците, а го слават и некои Муслимани во делови од Турција. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива