„Капетаните“ најдобра поема за 2020 година на конкурсот за наградата „Григор Прличев“

„Капетаните“ најдобра поема за 2020 година на конкурсот за наградата „Григор Прличев“

Охрид, 24. декември 2020 (ИНПРЕС) – Ракописот „Капетаните“ под шифра „Мисија“ е победник на конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2020-та година.

„Капетаните“ едногласно е избрана за најдобра меѓу пристигнатите ракописи што ги исполнувале бараните критериуми на конкурсот.

Во соопштението на Комисијата задолежена за избор се истакнува дека поемата „Капетаните“ претставува еден вид посвета на Прличевиот поетски подвиг, конструирана низ своевиден паралелизам преку композициска, структурна, поетичка и содржинска аналогија со поемата „Сердарот“ на Прличев.

–  Содржински и структурно се работи за целина, обединета околу централниот настан (погибијата на главниот јунак капетанот Бојан и единствен син на скршената мајка Пејка, како аналогија на настанот и на ликовите со Прличевите Кузман Капидан и Неда), која композициски достигнува цврсто интегративно рамниште. Дејствителните сегменти се поделени во осум ненасловени делови. Во поемата се согледува суптилноста на авторот/ката во разоткривање на тематската целина, која комуницира со Прличевата поетска постапка уште со воведот најавен во духот на словенската антитеза. Исказот е лирски сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен како пред злокобна најава, но истовремено пронижан со интензивната динамика на случувањата. Авторот/ката со прокламираните пораки во поемата „Капетаните“ и со примената на поетичкиот паралелизам, ни овозможува поетско разоткривање на универзалните историски и современи (конфликтни) состојби во светот, поврзани со човечките борби и страдања, со истрајноста и моралноста како прокламиран херојски чин, со жртвата за хуманистичкото изедначување во однос на човековите права за достоинствен живот, љубов и слобода, стои во образложението на одлуката на комисијата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива