Георгиески: Буџетот за 2021 година посветен на урбанизмот, локалниот економски развој и туризмот

Георгиески: Буџетот за 2021 година посветен на урбанизмот, локалниот економски развој и туризмот

Охрид, 29. декември 2020 (ИНПРЕС) – Парите од градската каса за 2021 година во голема мера ќе се користат за  уредување на градежното земјиш, локалниот економски развој и развојот на туризмот, образованието и животната средина.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески информира дека вкупните приходи во предлог- буџетот, што денеска е на дневен ред пред градските советници, се проектирани на износ од нешто повеќе од 1.2 милијарди денари, додека приходите само на основниот буџет се проектирани на 685 милиони денари.

– Буџетот планира рекордни 98,7 милиони денари за реконструкцијата на улиците и патиштата во општината. Улиците „Јане Сандански“, „7-ми Ноември“, „ Будва“, „ Прилепска“, „ Славеј Планина“ и други ќе добијат нов лик, а ќе им се придружат и кејот „ Македонија“ и улицата „Македонски просветители“ за чија реконструкција средствата се веќе обезбедени од Владата и Светска банка. Планирано е продолжување на уредување на речни корита, на велосипедска инфраструктура како и изградба на нови и обновување на веќепостоечки детски игралиште во општината, истакна Георгиески.

Планирани се средства за локален економски разој и развој на туризам преку субвенции на неколку категории како што се занаетчиите, општинските линиски превози и различни туристички дејности. Рекордно висок износ е обезбеден за стипендии на ученици и студенти во износ од 6.3 милиони денари, а се продолжува со инвестирање во реконстукција на основните и средни училишта низ општината, додава Георгиески.

Од следната година општината комплетно го презема финансирањето на дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост „Зраци“ односно обезбедува средства за континуирано извршување на секојденвните активности на центарот.

За амандманите на Буџетот што ги поднесе опозицијата, Георгиески ги оквалификува како небулозни. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива