Почина академик Георги Старделов

Почина академик Георги Старделов

Скопје, 12. јануари 2021 (ИНПРЕС) – На 90-годишна возраст, вчера во Скопје почина академик Георги Старделов, македонски естетичар, есеист, литературен критичар и теоретичар.

Роден во 1930 година во Гевгелија. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Белград. Докторирал по филозофски науки во 1965 година. Беше професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1956-1966), негов декан (1975-1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977-1981), претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на Македонскиот ПЕН центар. Старделов беше член на ДПМ од 1957 година.

За член на МАНУ беше избран во 1986 година. Во периодот од 2000 до 2004 година беше потпретседател на МАНУ, а од 1-ви јануари 2008 година и претседател на Академијата. Во МАНУ, од 1993 година го раководеше проектот „Историја на културата на Македонија“, од кој во негова редакција беа издадени 20 тома.

Професорот Георги Старделов е автор на импозатен опус од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавен на голем број на јазици на сите пет континенти. Зад себе остави огромно и првокласно по квалитет творештво, кое се вградува во столбовите на македонската литература.

Минатата година му беше доделено престижното признание, Светската награда за хуманизам за 2020 година со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани. Старделов беше 14-ти добитник на ова светско признание, а прв од нашава земја.

Погребот ќе се изврши денеска на градските гробишта „Бутел” во Скопје. По повод смртта на академик Георги Старделов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ќе одржат заедничка комеморативна седница, преку видеоконференциска врска. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива