Георгиески: Кеј „Македонија“ ќе се реконструира во согласност со насоките на УНЕСКО, ќе нема зголемување на димензиите

Георгиески: Кеј „Македонија“ ќе се реконструира во согласност со насоките на УНЕСКО, ќе нема зголемување на димензиите

Охрид, 13. јануари 2021 (ОХРИДПРЕС) – За кејот „Македонија“ имаме проект и правосилно одобрение за реконсртукција и тоа ќе биде реализирано согласно насоките на УНЕСКО, рече во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

Претходно беше објавено дека во нацрт-извештајот на УНЕСКО се оспорува и најавената реконструкција на кејот.

– Проектот предвидува покрај самиот стар кеј да се постават армирано-бетонски шипови од 80 сантиметри и над нив да се постави врзна греда. Зошто е тоа така испроектирано? За да нема рушење и отстранување на стариот кеј и да ја отстраниме опасноста кога ќе се руши стариот кеј дел од градежниот шут да навлезе во езерото. Меѓутоа ние го дискутиравме тоа со Реактивната мисија, го испративме проектот до УНЕСКО и бидејќи имавме цела една година ние го преправивме проектот. Еден метар од Кеј „Македонија“ ќе се отстранува, ќе се постават армирано бетонските шипови и тоа е нотирано во забелешките, и нема да има зголемување на димензиите на кејот. Значи димензијата на кејот останува иста, рече Георгиески.

Нема достапен опис

Владата на крајот на минатата година одлучи средствата предвидени за карго-аеродром во Штип, да ги пренамени за 99 инфраструктурни проекти низ 75 општини.

Од вкупно планираните 49 милиони евра, со владина одлука беа прераспределени 35 милиони евра. Од нив, Општина Охрид доби 38 милиони денари (околу 600 илјади евра) за реконструкција на охридскиот кеј, а целиот проект „тежи“ околу 90 милиони денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива