Охрид, 18. јануари 2021 (ИНПРЕС) – Продолжува да се зголемува нивото на водата во Охридското Езеро.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водостојот на Охридското Езеро е на 17 сантиметри над минимално дозволената кота од 693.10 м.н.в. Езерото е на кота од 693.27 м.н.в што е за 11 сантиметри под месечниот просек (693,38 м.н.в). Температурата на езерската вода измерана утрово е 8 степени, што е за еден степен повисока од просекот за овој месец.
На почетокот на годинава езерото беше на минимално дозволената кота, а веќе од 5-ти јануари почна да се подобрува хидролошката состојба, веќе на 11-ти да достигне 10 сантиметри над минимално дозволената кота, за денес да „порасне“ на 17 сантиметри над оваа кота. Ова значи дека за една недела нивото пораснало за 7 сантиметри.
Времето денеска ќе биде сончево и студено, претпладне во западните делови со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Максималната температура во Охрид ќе достигне до -2. степени.
– Утре ќе преовладува ведро и студено време со слаб до умерен, а повремено и засилен северозападен ветер. Од среда ветерот ќе го промени правецот во јужен и температурите ќе бидат во пораст. Облачноста ќе се зголемува, а од четврток кон крајот на денот во западните делови ќе започнат врнежи од дожд, а на планините од снег, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес/УХМР