Васил Гарванлиев и годинава ќе ја претставува на Македонија за Евровизија

Васил Гарванлиев и годинава ќе ја претставува Македонија на Евровизија

Скопје, 21. јануари 2021 (ИНПРЕС) – Македонската радио телевизија одлучи минатогодишниот претставник Васил Гарванлиев и годинава да ја претставува Македонија на Евровизија 2021.

Одлуката е донесена според јасно утврдените правила од страна на ЕБУ кои ги обврзуваат националните радиодифузери да селектираат нова песна за Евровизија 2021, а самите да донесат одлука дали минатогодишниот претставник ќе остане истиот и годинава.

– Ретко во животот добиваме не само една, туку ТРИ, шанси да ни се оствари сонот. Во ’19 застанав гордо зад Тамара ; во’ 20 посветив сè на ТЕБЕ – но Covid рече не! Во ‘ 21 година го користам моето лично патување и приказна за да го сместам моето срце во твоите раце преку мојот глас. Никогаш не престанувај да веруваш, да сонуваш и да се бориш за она за што се залагаш во животот Соништата се остваруваат! Благодарен сум за вашата континуирана поддршка и едвај чекам да споделам што планираме како македонски тим, напиша Гарванлиев на Фејсбук.

Бројот на земји учеснички за Евровизија 2021 е идентичен како и за претходната, која за жал не се одржа поради светската пандемија со новиот корона вирус и беше заменета со алтернативно музичко шоу.

41 земја веќе се подготвуваат за Евровизија 2021, за која се предвидени две полуфинални и една финална вечер, закажани за 18, 20 и 22 мај во арената Ахој, во Ротердам, а повеќе од 20 земји ги потврдија истите учесници селектирани од минатата година.

Со оглед на непредвидливата состојба со корона вирусот, а со цел да го осигура одржувањето на шоуто, ЕБУ подготви четири можни сценарија, кои ќе овозможат непречено одвивање на натпреварот дури и ако се неопходни промени во последен момент. Тоа може да подразбира одржување на шоу со примена на протоколи за социјална дистанца и лимитиран број на публика, интернационален прес и членови на делегациите.

Без оглед на тоа дали ќе биде можно или не патување и присуство на делегациите во мај во Ротердам, сите земји учеснички имаат обврска претходно да обезбедат снимка од настап во живо на својот претставник, кој во секој момент ќе им биде на располагање на организаторите за емитување.

Македонската радио телевизија ќе почне да избира нова песна за Васил Гарванлиев и ги повикува сите заинтересирани страни да ги понудат своите музички проекти на следната е-маил адреса: eurosong.macedonia@gmail.com, најдоцна до 27-ти јануари 2021 година.

Демо снимката со максимално времетраење до 3 минути, според евровизиските пропозиции, треба да е квалитетно изработена, со разбирлива вокална и хармонска линија. (Крај)

извор: МРТ/ИнПрес фото: архива