Филипче:  До крај на неделава ќе биде пуштена во функција модуларната болница во Охрид

Филипче: До крај на неделава ќе биде пуштена во функција модуларната болница во Охрид

Охрид, 22. февруари 2021 (ИНПРЕС) – До крајот на неделава ќе биде пуштена во функција модуларната болница во Охрид, најави министерот за здравство Венко Филипче.

Монтажниот објект досега ќе беше ставен во употреба, но снежните врнежи ги забавија работите околу негово приклучување на довод на електрична енергија.

Модуларната болница е сместена позади одделението за геријатрија, се протега на површина од 1.000 м², опремена со целокупна медицинска опрема и капацитет од 40 легла за пациенти опремени според највисоки стандарди. Има приемна амбуланта и дел за изолација. Според најавите тука ќе биде префрлено Инфективното одделение.

Нема опис за фотографијата.

Нема опис за фотографијата.

Дополнителните објекти значително ќе го зголемат капацитетот на општата болница и ќе го олеснат справувањето со здравствената криза во охридскиот регион.

Досега е завршена изградбата на осум модуларни болници во неколку македонски градови. Покрај во Охрид, до крај на месецот се очекува да бидат готови и објектите во Кавадарци и Тетово, а во следните неколку недели ќе бидат комплетирани сите 19 предвидени модуларни болници.

Што се однесува до состојбата со коронавирусот во Охрид, монетално има 402 активни случаи, а хоспитализирани се 53 пациенти. Во текот на последните два дена, кај половина од заразените на државно ниво е забележана британската мутација на COVID-19, а како најголеми жаришта на новата мутација министерот Филипче ги посочи Охрид, Кавадарци и Прилеп. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива