Разрешен и суспендиран секретарот на болницата во Охрид Антонио Наумоски

Разрешен и суспендиран секретарот на болницата во Охрид Антонио Наумоски

Охрид, 22. февруари 2021 (InPress) – Директорот на Општата болница во Охрид денеска ќе го разреши и суспендира секретарот на болницата Антонио Наумоски, кој спротивно на Националниот план за ковид имунизација се вакцинира преку ред во модуларната болница на во Скопје.

– Ја осудуваме секоја злоупотреба и прекршување на приоритетните групи опфатени во трите фази на ковид имунизација. Укажуваме дека никој кој не е здравствен работник, опфатен во првата група, од првата фаза за имунизација, не смее да се вакцинира. Министерството за здравство апелира до сите здравстени установи, кои ги изготвуваат списоците за вакцинација и ги испраќаат до националниот систем Мој термин, дека за непочитување на планот и стратегијата за вакцинација, како и за секоја злоупотреба на процесот ќе следуваат строги санкции, стои во информацијата на Министерството за здравство.

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека ќе се превземат конкретни чекори бидејќи е прекршен планот за вакцинација.

– Вчера се објави осуда и од Филипче за случајот кој се појави во Охрид, се работи за секретарот на болницата кој веројатно заедно со директорот на ковид центарот во Охрид е постојано во коминикација, но прекршокот е во тоа што е надвор од планот за вакцинација. Верувам ќе се превземат конкретни чекори, за да не се повтори истото и за да се оди строго по протоколот кој што е јавно обjавен од Министерството за здравство, а тоа се прво здравствените работници кои што работат во ковид центрите, па после се хронично болните, па возрасните и така натаму. Ова е важно е да се научиме на ред, затоа што не случајно е поставен овој план, ако тргне еден да го крши планот тогаш може секој да го прави тоа. Верувам дека сите согласно планот ќе се вакцинираат во нашата земја и дека тоа ќе биде со предвидената динамика која што ја имаме. Покрај овие вакцини што ги имаме во моментов се за здравствените работници очекуваме следната недела да дојдат уште вакцини од Србија, рече премиерот Заев.

Секретарот на болницата во Охрид, Антонио Наумоски кој се вакцинирал против COVID-19 денес изјави дека „тој е секретар на болница, а не обичен правник и канцелариски човек изолиран во управата“, а откако таа информација стигна до јавноста, сега се соочува со дисциплинска постапка.

– Во конкрентиот случај ние имавме список кој требаше да го направиме за 24 часа на барање на Министерството за здравство. Примањето на вакцината беше во Скопје и голем број се откажаа доброволно заради трошокот за транспорт. Други доктори беа позитивни и имаа антитела, некои беа болни од ковид во моментот. Бројката е минимална и едвај го пополнивме списокот. Само бев прашан од службите дали сакаш да примиш вакцина и одговорив потврдно. Кај што ме известија, дојдов, со сопствено возило, не толку од што бев исплашен од коронавирусот туку за да ги мотивирам другите да примат, да дадам пример. Јас сум човек кој работи директно во кризниот штаб, учествувам на стручни состаноци и сум цело време со лекарите. Не знам што да кажам повеќе, цела 2020 година не сум зел еден слободен ден, вели Наумоски. (Крај)

извор: Министерство за здравство фото: InPress