Јован Стојоски денеска ќе трча 400 метри во рамки на квалификациите на Европското првенство во Полска

Јован Стојоски денеска ќе трча 400 метри во рамки на квалификациите на Европското првенство во Полска

Торун, 2. март 2021 (ИНПРЕС) – Атлетичарот на АК „Охрид“ Јован Стојоски денеска ќе трча 400 метри во рамки на квалификациите на Европското првенство во сала за сениори/ки што се одржува во Торун, Полска.

Стојоски е единствен македонски претставник на првенството, требаше да учествува и Дарио Ивановски, но е позитивен на вирусот COVID-19. Финалната трка ќе се одржи утре.

Стојоски успеа да обезбеди норма за Европското првенство на атлетскиот митинг „Црвена Ѕвезда“ што се одржа во јануари во Белград, Србија. Таму беше најдобар на трката 400 метри во сала, патеката ја истрча за 47,57 секунди, што е негов нов личен рекорд во оваа дисциплина. Македонскиот рекорд во оваа дисциплина, 47,49 секунди, го „поседува“ покојниот Исмаил Мачев, поранешен тренер на Стојоски.

May be an image of 1 лице и стоење

За жал Атлетската федерација на Македонија не дозволи со него во Полска да биде и неговиот личен тренер Марина Мишиќ, па придружба на Стојоски е официјално лице на федерацијата. И покрај тоа, тој вели дека ќе го даде максимумот.

– Некои луѓе треба да разберат дека во сечиј интерес атлетичарот да патува со својот тренер на натпреварот. Кога еден ден ќе бидам на чело на македонската атлетика, ќе покажам како се работи. Мојот таргет за ова натпреварување е достојно да ја претставам Македонија, својот тренер и себеси во најдоброто можно светло, вели Стојоски.

Стојоски држи пет национални рекорди, и тоа на 200 метри на отворено (21,32 секунда) и 300 метри на отворено 33,83 и 200 метри во сала (21,94 секунда), 400 метри за сениори во сала (47,57) и за помлади сениори (46,92). Тој вели дека и покрај тоа што се натпреварува во повеќе дисциплини, неговата физичка градба и фокус во тренинзите е врз дистанцата на 400 метри, а неговите аспирации се да го достигне европскиот врв во таа дисциплина. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива