Британската поетеса Керол Ен Дафи добитничка на Златниот венец на „Струшките вечери на поезијата“

Британската поетеса Керол Ен Дафи добитничка на Златниот венец на „Струшките вечери на поезијата“

Струга/Париз, 23. март 2021 (ИНПРЕС) – Британската поетеса,есеист, драматург, професор и креативен директор на „Школата за пишување“ на Универзитетот „Манчестер Метрополитен“, Керол Ен Дафи е добитник на „Златен венец“ за 2021 година на „Струшките вечери на поезијата“.

Одлуката таа да биде лауреатот за 2021 година на СВП е соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз, по повод Светскиот ден на поезијата. Оваа година, свечениот настан се одржа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, чиј јубилеј беше вклучен во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.

Наградата налауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на  годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 25-ти до 30-ти август.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“ потенцира:

– Поезијата на Дафи е проткаена со сензибилни доживувања и метафизички опсервации за љубовта, загубата, селидбата, носталгијата, тагата, сеќавањето, минливоста на времето (крајот на младоста, смртта на родителите, синдромот на празно гнездо и заминувањето на децата од домот). Во оваа симфонија на поетски слики, природата  не се исцрпува само воулогата на лирска сценографијатуку станува рамноправен соучесник во непреболната драма на светот, чиишто пејсажи се маркери на душевните неспокојства и тревожни прашалници на лирскиот субјект, одблесоци на еден талкачки духкој општи со светототаде видливото, во низа од збунувачки асоцијации, есхатолошки назнаки и немушти, исконски закани кои лебдат наоколу.

Керол Ен Дафи  (родена во Глазгов, 1955 година, во семејство со ирски корени) се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Покрај тоа што е високо вреднувана и ценета во академските кругови, таа е омилена и кај пошироката публика. Важен детал, во прилог на тоа е констатацијата дека нејзината поезија е веќе  вклучена како задолжителналектира во националните курикулуми на универзитетите, но и на училиштата.

Уште со првата, провокативно насловена  книга „Standing Female Nude”, објавена во средината на 80-тите години, Керол Ен Дафи успеа да стекне широк круг читатели. Речиси секоја од следните поетски објави на Дафи беше наградена со најзначајните национални и меѓународни признанија. За првпат во 400 години долгата традиција на ова признание, во 2009 год, Дафи беше избрана и како  жена Poet Laureat на Обединетото кралство.

Автор е на близу 50 книги, од кои најнови се: Искреност (2019), Панаѓур на студот (2019)

Освен што е добитничка на значајни меѓународни книжевни награди, Керол Ен Дафи е носител на високи одликувања  од кои највисокото е почесната титула „Дама-заповедник на Редот на Британската Империја“, што го добива во2015 г.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Керол Ен Дафи вели:

– Во овие сурови, мрачни времиња за светот, бев воодушевена кога пред мојата врата ме сретна сјајот на „Златниот венец“. Да се додаде моето име на листата поети кои толку многу ми значеле во животот како читателка и како писателка, е скапоцен подарок за кој вечно ќе бидам благодарна. Поезијата е животен повик, музика на човечноста, која само сака да му одговори на светот и притоа да вплоти во него нови песни. Годинава изразот „ме изневерија зборовите“ се здоби со тажно значење за мене како поетеса, па така оваа прекрасна награда од Македонија духовно ме поткрена и усреќи со тоа што сум добредојдена во оваа голема европска традиција на вреднување поезија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива