Евровизија сепак со публика, 3.500 гледачи мора да имаат негативен тест на COVID-19

Евровизија сепак со публика, 3.500 гледачи мора да имаат негативен тест на COVID-19

Ротердам, 2. април 2021 (ИНПРЕС) – Холандската влада ќе дозволи 3.500 фанови да присуствуваат на изборот на песна на Евровизија. Годишната музичка екстраваганца ќе се одржи во ротердамската Ахој арена во мај, откако беше откажана минатата година.

На ограничен број на публика, со негативен тест на COVID-19, ќе ѝ биде дозволено да присуствува на овогодишното издание на Евровизија во холандскиот град Ротердам во мај, со почитување на епидемиолошките мерки.

Според новиот план, на настанот ќе присуствуваат само оние кои прикажат негативен тест на COVID-19, пренесува Би-би-си.

Организаторите ја поздравија одлуката и рекоа дека „ќе ги разгледаат опциите што сега се достапни“.

Овој настан ќе биде дел од низата манифестации кои во Холандија се одржуваат под називот „филдлаб“, а во кои им се овозможува на мали групи луѓе да влезат во театар, конференциски центри и на фудбалски натпревари под строг надзор, наведува „Ројтерс“.

Организаторите на Евровизија претходно потврдија дека поединечните настапи ќе бидат одржани во Ротердам на 18, 20 и 22 мај, со одржување на физичка дистанца, но без прецизирање дали ќе биде дозволено присуство на публика. Холандскиот весник „Д телеграф“, повикувајќи се на извори од Владата, наведува дека на пробите, полуфиналето и финалето ќе може да присуствуваат најмногу 3500 луѓе кои живеат во Холандија. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива