Колку ќе ве чини пополнувањето на албумот Panini ЕУРО 2020?

Колку ќе ве чини пополнувањето на албумот Panini ЕУРО 2020?

Скопје, 5. април 2021 (ИНПРЕС) – Во Светот на Panini, во 11-тата книга за налепници на ЕУРО, оваа година, колекционерите љубители на фудбалот ќе имаат можност да лепат сликички и од фудбалерите на македонската фудбалска репрезентација.

Помеѓу 654-те полиња за сликички на 97-те страници на албумот, ќе се најдат и нашите Горан Пандев, Елиф Елмас, Столе Димитриевски, Бесарт Ибраими, Езџан Алијоски, Енис Барди и останатите играчи од тимот кој е помеѓу 24-те нации учеснички на финалето во Европското првенство во фудбал кое ќе се одржи ова лето.

Шестнаесеттото Европско првенство во фудбал ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули во 12 градови домаќини ширум Европа. Македонската фудбалска репрезентација, првиот натпревар го игра на 13 јуни, против репрезентацијата на Австрија.

Албумот на Panini за ЕУРО 2020 содржи 654 нумерирани слики со фудбалери од 24 репрезентации, специјални слики со амблеми, групна слика и слики во акција, како и дополнителни 14 брендирани слики на крајот. Албумот доаѓа со 6 сликички и чини 80 денари, а едно пакетче со 5 сликички е 40 денари.

За идеално пополнување на албумот ќе ви бидат потребни 5.344 денари што е збир од 668 сликички по осум денари, тоа подразбира да имате среќа да успеете да ги замените сите дупликати, што е малку веројатно.

ФОТО) Моментот за кој сонувавме уште од деца: Македонија се најде во албумот на Панини за „ЕВРО 2020“ – Радио Лидер

Според формулата на британскиот професор Пол Харпер, ако се менувате со десет пријатели, за целосно да го пополните албумот, ќе ви бидат потребни 12.238 денари.

Издавачот Panini, како што пренесува британски The Telegraph смета дека тврдењето на професорот Харпер не е точно, бидејќи луѓето не живеат во меур и може да се менуваат едни со други, како и дека секогаш последните неколку сликички може да ги нарачаат директно од компанијата.

Македонската фудбалска репрезентацијата, во албумот е претставена на две страници со 20 сликички за играчи и логото на Фудбалската федерација на Македонија. Дополнително, има и дел каде фудбалерите се претставени „во акција“ заедно со фудбалерите од Украина.

Ова е 16-то европско првенство и ќе се одржи во 12 држави, домаќини ќе бидат Англија (Лондон), Германија (Минхен), Италија (Рим), Азербејџан (Баку), Русија (Санкт-Петербург), Унгарија (Будимпешта), Романија (Букурешт), Холандија (Амстердам), Шпанија (Билбао), Шкотска (Глазгов), Ирска (Даблин) и Данска (Копенхаген).

Европското првенство ќе биде отворено на 11 јуни со натпреварот помеѓу Италија и Турција. Нашата репрезентација првиот меч го игра во Букурешт против Австрија на 13 јуни, четири дена подоцна игра против Украина, а последниот меч во групата е против Холандија на 21 јуни.

Целиот текст ТУКА. (Крај)

извор: Кајгана фото: архива