Auto Draft

Мишев: Затекнати сме од новите рестрикции, неопходни се мерки за спас на угостителскиот сектор

Охрид, 6. април 2021 (ИНПРЕС) – Нов удар за угостителскиот сектор, еден од најпогодените во корона пандемијата.

Од утре до 20-ти овој месец се затвораат угостителските објекти. Охридските угостители велат затекнати се од актуелната состојба. Ќе ги почитуваме рестриктивните мерки, но бараме од надлежните да ни образложат дали ќе има мерки за спас на нашиот сектор, вели за Супер радио и InPress првиот човек на Здружението „Охридски еснаф“, Михаил Мишев.

– Затекнати сме од ситуацијата, мислевме дека ќе има тренд на намалување на бројките на новозаболени, ова ни дојде малку како шок. Сега не чека период од две недели неработење. Ние уште доцниме со помошта од петтиот пакет мерки, а еве сега се јави потреба и од нови итни мерки. Како еснаф, од вчера веќе почнавме комуникација со надлежните на државно ниво, да им ги соопштиме проблемите. Треба некој од нив да ни образложи дали ќе имаме некои мерки за спас, бидејќи друго нема што да правиме. Се насобраа многу проблеми. Да се надеваме дека ова ќе даде резултат и нема да има потреба од нови мерки, истакна Мишев.

Од Незавсната угостителска комора, чија членка е и охридското здружение велат дека доколку мерките се селективни и се наменти за угостителската индустрија, треба да бидат пропратени со некаква финансиска поддршка.

– Одлуките кои ги носи Владата не кореспондираат со потребите на туристичко угостителската индустрија, велат дека е дадена помош, но во реалноста истата не кореспондира со последиците кои ги трпиме. Укажавме дека мерките се селективни, дека не ги опфаќа сите угостители. Изминатиов период не само што се паднати приходите поради негативната кампања дека угостителските објекти придонесуваат во зголемување на заболувањето од COVID-19, ние сме доведени до ситуација да практично не можеме да планираме никаква иднина во угостителската дејност, сé додека не направиме заедничка стратегија со Комисијата за заразни болести, министерството за економија и Владата, изјави претседателот на комората Здравко Јосифовски.

Угостителските објекти, како и угостителскиот дел од обложувалниците од утре се затвораат за гости. Објектите пак кои вршат подготовка и продажба на храна ќе може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.
Целосна забрана да се примаат гости има и за угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) или на бензинските станици. Исклучок од ова се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителскиоте објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива