Филипче: Моја најголема заложба и желба е вакцинацијата да ја завршиме што побрзо

Филипче: Моја најголема заложба и желба е вакцинацијата да ја завршиме што побрзо

Скопје, 7. април 2021 (ИНПРЕС) – Минатата година на истиот овој ден бевме на почеток на пандемијата и сите се надевавме дека таа брзо ќе заврши. Една година подоцна, светот се уште се бори со коронавирусот, со нови соеви и нови предизвици кои ги носи оваа голема здравствена криза. Но, оваа година е година на вакцинацијата. Година за која се надеваме дека ќе биде последна во која живееме со мерки, рестрикции и ограничувања, вели министерот за здравство Венко Филипче по повод 7-ми април, Светскиот ден на здравјето.

Посочува дека вакцинацијата е единствениот начин да го победиме вирусот, но за жал таа не се одвива со посакуваното темпо никаде во светот.

– Побарувачката на вакцини е огромна, а капацитетите за производство ограничени. Моја најголема заложба и желба е вакцинацијата да ја завршиме што побрзо. Затоа, се што е во наша надлежност го правиме исклучително брзо и професионално, а подоготвка за вакцинација ја спроведовме навремено и ефикасно. Денес имаме добро поставен и ефективен механизам за вакцинирање кој започна да се спроведува. Искрено верувам дека малата достапност на вакцини во светот наскоро ќе биде минато, а потоа, деноноќно ќе работиме за што пократко време да вакцнираме што поголем број на граѓани. Барам трпение, разбирање и почитување на мерките додека да се надмине овој период, додава Филипче. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива