За половина месец 511 новозаразени со COVID-19 во Охрид, починале 22 пациенти

За половина месец 511 новозаразени со COVID-19 во Охрид, починале 22 пациенти

Охрид, 16. април 2021 (ИНПРЕС) – Од почетокот на месецов заклучно со вчера во Охрид се регистрирани 511 нови позитивни случаи на COVID-19.

Висока е бројката на оние кои го победиле вирусот, 408 лица, но за жал висока е и бројката на починати, дури 22 лица го загубиле животот како последица на компликации предизвикани од вирусот, а во март за цел месец имало 24 смртни случаи.

Колку за споредба во првата половина на март беа регистрирани 328 новозаболени, имаше 290 оздравени и 8 починати пациенти. Тогаш во Охрид имаше 469, а според последните податоци сега имаме 802 активни случаи на коронавирус.

Од почетокот на пандемијата евидентирани се 4.611 заразени со COVID-19, оздравени се 3.629 лица, а битката со вирусот ја загубија 180 пациенти.

Во Општата болница се хоспитализирани 105 пациенти. Во изминатите 15 дена бројката варираше од 100 до 110 пациенти.

Процесот на анти ковид имунизација во градов се одвива непречено, досега се вакцинирани над 600 граѓани на возраст над 77 години и хронично болни со вакцината на „Астра Зенека“, а преостанати се близу 400 дози. Ревакцинацијата на овие пациенти ќе се спроведе по 84 дена од прием на првата доза.

Во шест македонски градови, меѓу кои и во Охрид ќе бидат отворени регионални пунктови за масовна имунизација, по примерот на салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека викендов тим од министерството ќе ги посети сите градови за да ја увиди можноста за реализација на овој план. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес