Др. Милена Богојевска- Доксевска од Охрид дел од тимот кој ја изврши првата експлантација на коски и меки ткива од починат донатор

Др. Милена Богојевска- Доксевска од Охрид дел од тимот кој ја изврши првата експлантација на коски и меки ткива од починат донатор

Скопје/Охрид, 17. април 2021 (InPress) – Др. Милена Богојевска- Доксевска беше дел од тимот доктори кој ја изврши првата експлантација на коски и меки ткива од починат донатор во Република Македонија.

– Тимот се состоеше од седум членови. Покрај мене тука беа и др. Виктор Камнар, др. Александар Трајановски, др. Александар Савески, др. Дејан Дамјановиќ, сестра инструментарка Сузана Пејчиновска и болничар Јасмин Беќировиќ. Минатата ноќ успеавме за првпат во нашата држава да експлантираме коски и меки ткива од починат донатор, па така, освен спасувањето на животот на примателите на срце и бубрези, дузина други луѓе кои имаат потреба од пополнување на коскен или мекоткивен дефект ќе имаат можност за подобар живот, вели за Супер радио и OhridPress др. Богојевска- Доксевска.

Земените ткива биле соодветно обработени и складирани во ткивна банка и таму ќе се чуваат се додека не се појави соодветен реципиент на ткивата.

– Првиот реципиент се очекува да биде повозрасен човек со метастаза на коски, кој ќе добие шанса за нормален живот откога отстранетата метастаза ќе биде заменета со коска од донаторот. Огромна благодарност до семејството кое го изгуби своето најмило и се одлучи да ги донира органите, тоа е најголемиот чин на алтруизам што го познава човештвото. Оваа прилика е совршена да се упати апел до јавноста за зголемување на свесноста за донирање на органи и ткива, така животот на починатиот продолжува во десетици други животи, потенцира др. Богојевска- Доксевска.

Др. Богојевска- Доксевска основно и средно образование заврши во Охрид, каде се’ уште живеат и работат нејзините родители, за кои вели дека се нејзина неизмерна поддршка за ова што го работи. Веќе пет години е доктор специјалист на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Воедно е сопруга и мајка на две деца. (Крај)

извор: InPress фото: архива