ССМ: COVID-19 да се признае како професионално заболување за сите работници

ССМ: COVID-19 да се признае како професионално заболување за сите работници

Скопје, 28. април 2021 (ИНПРЕС) – Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа побара COVID-19 да се признае како професионално заболување за сите работници, а на вработените што ќе отсуствуваат од работа поради оваа болест да им бидат исплатени 100 проценти од основицата на плата утврдена со закон.

Според ССМ, потребна е заедничка акција на претставниците на работниците и на работодавачите во насока на подигнување на јавната свест за здравите и безбедни услови за работа. Неопходно е и ефикасно дејствување на инспекциските служби со цел навремено да се откријат слабостите што треба да се заменат со решенија за унапредување на здравите и безбедни работни места.

– Последиците од пандемијата можат да бидат катастрофални. Апелираме на заедничко, брзо дејствување на сите релевантни чинители затоа што од сите нас, без исклучок, зависи дали во периодот што ни претстои ќе бидеме на висината на задачата да преземеме активности што ќе обезбедат опстанок, изјави секретарот на Советот на Сојузот на синдикати на Македонија, Златко Цветкоски на денешната прес конференција.

Во изминатиот период прогласување на COVID-19 за професионално заболување и исплата на 100 проценти плата за заболените побараа и Конфедерацијата на слободни синдикати и Македонското здружение за заштита при работа. (Крај)

извор: 360 степени фото: архива