РСБСП со апел: Внимателно и одговорно зад воланот за време на празниците!

РСБСП со апел: Внимателно и одговорно зад воланот за време на празниците!

Скопје, 29. април 2021 (ИНПРЕС) – Во сообраќајот нема мали и големи грешки. Секое непочитување на сообраќајните правила и прописи може да заврши со сериозни и фатални последици затоа: возете одговорно и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), во пресрет на празниците.

– Пред нас се денови на празници, неработни денови и продолжен викенд  кој  најчесто се користи за патување,  излети во природа и дружење со семејството и пријателите. Пандемијата со ковид-19, забраната за собирање во поголеми групи, препораките за социјална дистанца и делумното ограничување на движењето, и оваа година ќе остават своја трага и ќе влијаат на тоа како ќе се прослават велигденските и првомајските празници. И покрај тоа што голем дел од граѓаните чувствуваат одреден немир, потреба за поголема слобода, итн. поради мерките кои се преземаат за заштита од вирусот,  РСБСП потсетува дека сообраќајот не е место каде што треба да се троши вишокот на адреналин и аперлира  да се задржи здравиот разум и одговорноста и максимално  да се почитуваат  сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници во сообраќајот. Последиците и загубите од сообраќајните незгоди се премногу сериозни, фатални, трајни и ненадоместливи за да може било кој да си дозволи неодговорно учество во сообраќајот. Бидете одговорни учесници во сообраќајот и на тој начин ќе придонесете доброто празнично расположение да остане, да биде  присутно и да продолжи и после празниците, додаваат од РСБСП.

Потенцираат дека во сообраќајот нема мали и големи грешки. Секое непочитување на сообраќајните правила и прописи може да заврши со сериозни и фатални последици затоа апелираат на одговорно возење со почитување на поставената сообраќајна сигнализација, правилата за ограничување на брзината, не управувајте со моторно возило ако сте под дејство на алкохол и задолжително ставете појас. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива