Филипче: Со свесноста граѓаните ќе придонесат епидемијата и натаму да спласнува

Филипче: Со свесноста граѓаните ќе придонесат епидемијата и натаму да спласнува

Скопје, 29. април 2021 (ИНПРЕС) – Мора да сме сите свесни и со сопствен пример имајќи ја предвид сопствената одговорност да постапиме така како што треба во рамки на ова што значи живот со мерки и препораки за превенција. Мора граѓаните да се свесни што треба, а што не да се прави и како самите ќе придонесат и понатаму епидемија да спласнува, потенцира министерот за здравство Венко Филипче.

Уште еднаш апелира за почитување на мерките, бидејќи како што рече сите мини кластери потекнуваат од масовни собири и граѓаните преку сопствен пример треба да спречат ширење на вирусот.

– Тоа што сега се случува оди во насока на смирување на епидемиолошката ситуација, а можност за прекршување на мерките и препораките имаше и досега, а ќе има и отсега натаму. Храмовите се отворени и црквите и џамиите, за време на службите луѓето кои не се придржуваат до превентивните мерки и не водат сметка за заштита на сопственото здравје се изложени на ризик. Не може Владата да каже и да да бираме меѓу тешки рестрикции или целосно отворање или нешто помеѓу, а граѓаните да не се вклучат самите со своите постапки, тоа е суштината. И верските лидери зедоа обврска да апелираат на почитување на мерките, истакна Филипче.

Во однос на имунизацијата, досега се вакцинирани околу 60.000 граѓани, а во таа бројка се и постарите лица над 70 години и вработените во критичната инфраструктура. По Велигденските празници ќе профункционираат и шесте регионални пунктови за масовна вакцинација со кинеските вакцини.

Филипче потврди дека на 14-ти мај ќе биде дозволен влез во Грција со сертификат за вакцинација или негативен ПЦР-тест, а се чека одговор од грчката влада дали ќе може да се влегува и со брз антиген тест. Македонските граѓани пак кои се вакцинираа во Србија, ќе може да патуваат со сертификатите кои ги добија од таму, бидејќи и македонските ќе ги содржат истите податоци. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива