До крајот на мај ќе се преговара со „Синохидро“ за крајниот рок за довршување на автопатот Кичево-Охрид

До крајот на мај ќе се преговара со „Синохидро“ за крајниот рок за довршување на автопатот Кичево-Охрид

Охрид, 29. април 2021 (ИНПРЕС) – Јавното претпријатие за државни патишта преговара со кинеската компанија „Синохидро“ околу новиот анекс со којшто ќе се продолжи рокот за изведба на автопатот Кичево-Охрид. Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска информираше дека очекува кон средината на мај да биде договорен анексот, којшто потоа треба да биде усвоен од Владата и од Собранието.

Освен што напомена дека нема шанса да се заврши изведбата на автопатот Кичево-Охрид до 30 јуни 2021 година, Рустеми денеска немаше конкретен одговор кој ќе биде новиот датум што ќе му се даде на кинескиот изведувач за да ја заврши изградбата на делницата долга 57 километри. Тој посочи дека откога ќе се завршат преговорите, ќе се знае точно кога ќе се завршат сите работи на овој автопат од Коридор-8.

На истото новинарско прашање, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска појасни дека од аспект на институционално решавање на прашањата со цел забрзување на постапката за изградба, институциите прават целосен притисок за автопатот да биде час поскоро завршен.

Како обврска на институциите, досега е извршено целосно репроектирање на неопходните 25 проценти од автопатската траса, со сите ревизии и потребни документи, а во моментов се работи на инфраструктурните проекти. За само неколку недели, Министерството за транспорт и врски до денеска има одобрено 16 од вкупно 70 инфраструктурни проекти, со што се создадени условите да се засилат градежните активности на овие делови од автопатот каде беше неопходно репроектирање. Бочварски додаде дека за дел од репроектираната траса, ќе биде неопходна дополнителна експропријација на земјиште.

Вториот аспект, изјави Бочварски, се засилените градежни активности на терен од страна на изведувачот. Тој рече дека и во моментов се работи на изведба на одредени сегменти од автопатот.

Министерот Бочварски очекува до средината или при крајот на мај да се завршат преговорите со „Синохидро“ околу новиот краен рок за изведба на автопатот Кичево-Охрид, по што анексот на договорот треба да биде доставен во Собранието. Со донесувањето на анексот и отклонувањето на сите пречки што ја забавуваат работата на терен, ќе дојде до забрзување на изградбата на овој автопат.

Автопатската делница од Кичево до Охрид започна да се гради во февруари 2014 година, откако беше извршено позајмување на кредит од кинеската Ексим банка од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Првичниот рок за завршување на изградбата на овој автопат веќе беше продолжен за три и пол години и тоа до 30-ти јуни оваа година. (Крај)

извор: Мета фото: архива