Почна масовната имунизација против COVID-19 во Охрид (Фото/Видео)

Почна масовната имунизација против COVID-19 во Охрид (Фото/Видео)

Охрид, 4. мај 2021 (ИНПРЕС) – Во регионалниот вакцинален пункт, спортската сала „Билјанини извори” во Охрид почна процесот на масовна анти ковид имунизација на граѓаните од Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево.

Процесот се одвива според утврдена динамика, со закажан термин по електронски пат, со точно време и пункт каде траба лицето да се јави за вакцинација. Денес спрема термин има околу 1.200 пациенти се пријавени преку систем за вакцинација. Акцентот е да вакцинираме што повеќе луѓе, тоа е едеинствен спас и единствен лек да се справиме со пандемијата, изјави директорот на охридската Општа болница, д-р Горан Балески.

– Процесот на вакцинирање се одвива според електронска распределба, пациентите нема да чекаат, тие добиваат термини кога да се јават. Тука се ангажирани повеќе тимови и од Општа болница, од Здравствен дом, од Кардиолошкиот центар, персонал од општина Охрид, не верубвам дека ќе имаме проблеми и дека граѓаните ќе бидат задоволни. Процесот на вакцинација е безбеден, сигурен има напревано и бекап за евентуални несакани дејства, алергиски реакции, вклучени се искусни членови на медицинскиот тим. Очекувам процесот да тече во најдобар ред да има голем одзив од граѓаните од целиот регион што го покрива овој пункт и така да ја победиме оваа пандемија и да пречекаме едно нормално лето, рече д-р Балески.

Вчера пристигна првата пратка од 7.200 кинески вакцини од производителот „Синофарм”, а според точен план и протокол, како ќе се трошат количините ќе пристигнуваат нови.

Граѓаните кои ги затекнавме на пунктот, претежно повозрасни, изразија задоволство од одвивање на процесот и веруваат дека вакцинацијата ќе помогне во нормализирање на состојбите.

– Очекувам дека ќе биде успешно и дека ќе заборавиме на сé, ама и ова е живот. Не стартувам од вакцинацијата, верувам во медицината и во хемијата.
– Добро поминав, задоволен сум, сé е одлично.

Од охридскиот Црвен крст пак се пожалија дека утринава биле избркани нивните волонтери кои биле претходно повикани да помагаат во процесот на вакцинација.

– Нашите волонтери остануваат подготвени доколку има потреба да продолжат во помагање и олеснување на процесот на вакцинација против Ковид-19 на вакциналниот пункт на Здравствен дом Охрид во Општата болница Охрид, информираат од Црвен крст Охрид.

Во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид се подготвени 28 вакцинални пунктови, на кои дневно е во план да се вакцинираат над 1.500 граѓани. За вакцинација во салата ангажирани се 50 медицински сестри, 10 лекари и 24 административни работници. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес