МОН: Нема бојкот на наставата, од часовите отсуствуваат изолирани случаи

МОН: Нема бојкот на наставата, од часовите отсуствуваат изолирани случаи

Скопје, 4. мај 2021 (InPress) – Од Министерството за образование и наука информираат дека помали групи на ученици од неколку училишта во државата не ја посетуваат наставата организирана со физичко присуство, односно не се вклучени во онлајн наставата.

– Апелираме до нив и до нивните семејства, да ја променат таквата одлука и заедно со сите други ученици да се вратат на часовите и на процесот на стекнување знаења, што впрочем треба да биде нивен приоритет и единствена грижа. Секое неоправдано отсуство предизвикува импликации во педагошката евиденција која ја водат наставниците за образованието и поведението на учениците, а воедно потоа тоа отсуство треба да се надоместува преку организирање на дополнителна настава. Промените во основното образование се целосно во интерес на учениците и унапредување на образованието. Реформите се исто така и на барање на наставниците, но и потреба која што ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. Носење на законско решение кое треба да донесе квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, не смее да биде причина за бојкот. Дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година, а тој тренд е насекаде во светот не смее да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот, потенцираат од МОН.

Потсетуваат дека новото законско решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека истите ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Исто така, преку поставувањето на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, се елиминира веројатноста за појава на грешки.

Пирузева- Јанева: Во четвртокот имаше обид за бојкот на наставата од една паралелка, денеска се одвива нормално

Во четвртокот имаше обид за бојкот од една паралелека, денеска се сите комплет на настава, и истата се одвива нормално, вели за Супер радио и OhridPress директорката на ОУ „Христо Узунов“ Оливија Пирузева- Јанева.

Претходно, родители на деца кои учат во ова училиште ја контактираа редакцијата на Супер радио и информираа дека ученици од трето одделение не посетувале настава во знак на протест за електронските учебници. Несогласувањата со идејата да се воведат дигитални учебници, коишто треба да ги заменат печатените, ескалираа со делумен бојкот во училиштата. (Крај)

извор: InPress/Министерство за образование и наука фото: архива