Министерот Филипче се вакцинираше со кинеската „Синофарм“

Министерот Филипче се вакцинираше со кинеската „Синофарм“

Скопје, 7. мај 2021 (ИНПРЕС) – Министерот за здравство Венко Филипче денеска се вакцинираше против COVID-19 со вакцината на „Синофарм“ на пунктот во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

Пандемијата не научи на многу работи уште од почетокот на минатата година, да бидеме сплотени и обединети околу почитување на превентивните мерки кои се темелат на универзални принципи на заштита од ширење на вирусот, а сега во оваа фаза еден нов момент повторно да бидеме сплотени и обединети околу тоа да ставиме приоритет на вакцинацијата како еден од клучните елементи со кои може да се смени целокупната слика за пандемијата кај нас, изјави Филипче.

– Вакцината е нешто што сите го чекаме долго време, нешто што значи фактор кој ќе влијае да се смени сликата за пандемијата насекаде во светот. Буквално сите вакцини се безбедни за употреба. Апелирам сите да се свесни дека вакцините се сигурни, безбедни, дека сите се развиени на безбедни платформи, дека несаканите ефекти се навистина мали, има точни индикации односно контраиндикации за возрасни групи или некои специфични критични категории граѓани кои нема да треба да примат некаква вакцина и ние тоа го влечеме како податок од научните испитувања од производителите, потенцира Филипче.

Додаде дека одлучиле Владата да биде една од институциите кои ќе се вакцинира непосредно после Собранието, како институција која е важна за функционирањето на државата, за одржувањето на системот и по тој систем сите министри во следните 10-на до 14 дена добиле веќе свој термин. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива