Од денеска COVID-19 тестови на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид

Од денеска COVID-19 тестови на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид

Охрид, 8. мај 2021 (InPress) – Со почетокот на летниот распоред на летање на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, а поради барањата на многу земји за задолжителен негативен COVID-19 тест, како предуслов за патување по водушен пат, ТАВ Македонија заедно со Клиниката „Жан Митрев“, отсега овозможува COVID-19 тестови за патување.

Станува збор за брзи антигенски тестови кои можат да се направат на охридскиот аеродром непосредно пред заминувањето на патникот.

Почнувајќи од денеска, на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид поставен е пункт за COVID-19 тестирање на клиниката „Жан Митрев“, кој се наоѓа во непосредна близина на влезот на терминалната зграда. Пунктот за COVID-19 тестирање на Лабораторијата на „Жан Митрев“, ќе работи на аеродромот во Охрид секој ден кога ќе има летови до земјите кои бараат негативен брз антигенски тест, 4 часа пред времето на поаѓање до секоја од дестинациите. Со оваа предност сега достапна на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, покрај спроведените мерки за здравје и безбедност поради COVID-19 и новиот аеродромски протокол, ТАВ Македонија, како оператор на аеродромот, остварува уште една цел насочена кон безбедно патување. Центарот за COVID-19 тестирање ќе им обезбеди погодност на нашите патници кои патуваат до земјите на ЕУ/Шенген, така што ќе имаат доволно време да направат брз антигенски тест пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот и да ги завршат аеродромските процедури, освен ако тие веќе имаат направено негативен COVID-19 тест пред нивното пристигнување на аеродромот, информираат од ТАВ Македонија.

Доколку патниците решат да направат антигенски тест на Аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, а со цел да се избегне гужва и групирање пред терминалната зграда на аеродромот, се апелира патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 4 часа пред времето на поаѓање.

– Во моментов, на охридскиот аеродром, во пунктот за COVID-19 тестирање на „Жан Митрев“, можат да се направат брзи антигенски тестови и брзи PCR тестови, одобрени од СЗО. За сите други COVID-19 тестови, ги повикуваме патниците да го направат тоа во овластена лабораторија пред да пристигнат на аеродромот.
Со оглед на моменталната состојба, во која земјите од ЕУ/Шенген зоната постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со COVID-19 и имајќи го предвид фактот дека секоја земја независно прави промени во однос на ограничувањата за патување за граѓаните на Република Македонија, апелираме до патниците пред нивниот лет да ги проверат најновите барања за патување со нивната авиокомпанија и Амбасадата на земјата во која планираат да пристигнат, додаваат од ТАВ Македонија. (Крај)

извор: InPress фото: архива