Меѓународната изложба „100 години Требениште“ е добитник на наградата Музејски проект за 2019 година

Меѓународната изложба „100 години Требениште“ е добитник на наградата Музејски проект за 2019 година

Скопје, 18. мај 2021 (ИНПРЕС) – Ексклузивната Меѓународна изложба „100 години Требениште“, е добитник на наградата музејски проект за 2019 година на објавениот конкурс од Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) за Годишната награда 18-ти мај – Меѓународен ден на музеите за особени достигнувања во музејската дејност за 2019 и 2020 година.

Археолошката изложба „100 години Требениште“ беше отворена во март 2019 година во Археолошкиот музеј во Скопје, во присуство на авторите на изложбата од овој музеј, од Народниот музеј од Белград и од Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија, каде што како и во Заводот и музеј во Охрид се чуваат вредните артефакти од овој охридски локалитет. На оваа изложба првпат заедно се презентираат околу 400 експонати, откриени во повеќе наврати во различни периоди на локалитетот од 1918 до 2018 година.

За само шест месеци од отворањето, изложбата ја посетија над 12.000 посетители.

Покрај во Скопје изложбата лани во февруари беше претставена на Меѓународниот саем за туризам во Белград, а ќе биде претставена и во Софија, како и пред европската јавност. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб.

Поради корона пандемијата е овозможена виртуелната тура низ изложбата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива