Најдобрите моменти по прикажувањето на новата епизода на „Пријатели“

Најдобрите моменти по прикажувањето на новата епизода на „Пријатели“

Њујорк, 28. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Премиерата на една од најочекуваните епизоди во историјата на телевизијата ги воодушеви обожавателите.

Енормно популарната американска ситком серија, која следи група њујорчани во нивните дваесетти и триесетти години, заврши во 2004 година по 10 сезони.

Да се види како сите шест главни актери се враќаат и разговараат за моментите од серијата е навистина реткост. Во последните години на новинарите обично им било кажано да не поставуваат прашања поврзани со „Пријатели“ кога ги интервјуираат поранешните ѕвезди од серијата.

Читање на масата, тривијални игри, модни ревии, архивски клипови и интервјуа со славни личности се вткаени во средбата, која трае 1 час и 39 минути.

Реакциите за епизодата се генерално позитивни, иако многу критичари забележаа дека некои елементи од епизодата функционираа многу подобро од други.

Ова се најубавите моменти:

1. Дејвид Швимер и Џенифер Анистон биле заљубени во текот на првите сезони од серијата

Некаде кон средината на епизодата, кога Џејмс Корден ги прашува актерите дали имало некаква романса надвор од снимањето во текот на сезоните, Швимер признава дека бил заљубен во Џенифер Анистон.

– Во текот на првата сезона бев многу вљубен во Џен – вели Швимер.

– Беше обострано – додава Анистон. Но, во тој период, еден или двајцата биле во врска со други луѓе, така што никогаш не ја преминале границата и го почитувале тоа.

– Се сеќавам дека еднаш на Дејвид му реков: „Ќе биде голема штета ако првпат се бакнеме на национална телевизија. Секако, првиот пат кога се бакнавме, беше во тоа кафуле – раскажува Анистон.

Наместо да ја преминат границата и да продолжат во реалниот живот, Џенифер и Дејвид сета нивна привлечност и љубов ја канализирале во Рос и Рејчел. Актерската екипа вели дека нивната романса би ја уништила динамиката на групата, па Кокс додаде дека ѝ е мило што не биле заедно во реалниот живот.

2. Не било планирано Моника и Чендлер да продолжат како пар

Моника и Чендлер не требало да продолжат како пар во оригиналниот план. Првичната намера на сценаристите била да бидат една ноќ заедно, за да има непријатна динамика меѓу нив.

Но, планот се променил врз основа на тоа како реагирала воодушевената публика во студиото кога Моника неочекувано се појави од под чаршафите.

– Публиката полуде – вели Кевин Брајт, кој е извршен продуцент. Токму реакцијата на публиката ги поттикна сценаристите да ги преиспитаат плановите и да ја продолжат нивната врска.

James Corden with the cast of Friends

3. Лејди Гага ја обожава песната „Smelly cat“

Од сите чудни и често несоодветни мелодии на репертоарот на Фиби Буфе, „Smelly cat“ стана нејзина препознатлива песна и химна на „Пријатели“. Списокот на музичари кои ја сакаат е долг (Џастин Бибер, Чарли Пут, Тејлор Свифт), а сега можеме да ја додадеме и Лејди Гага. Носејќи облека и коса во стилот на Фиби, Гага ја изведе песната со Кудроу на сетот на „Централ перк“, а им се придружува и цел хор.

– Може ли да кажам нешто? – Гага ја праша Кудроу. – Ти благодарам многу што беше личноста од „Пријатели“ за која сите ние – не знам дали е ова вистинскиот начин да го кажам тоа – но ти беше таа различната, онаа што навистина беше своја.

3. Лажниот Џои за малку ќе беше вистинскиот Џои

Извршните продуценти Кауфман и Крејн и режисерот Кевин Брајт споделуваа многу приказни зад сцената. Обожавателите на „Пријатели“ веројатно слушнале многу од нив претходно, на пример, тоа дека Кортни Кокс првично отишла на аудицијата за улогата на Рејчел, пред да биде избрана за Моника.

Но, во епизодата се појавуваат и неколку новости. Брајт се присетува на тешкиот процес на аудицијата за кастингот на Џои. Тој вели дека на крај се двоумеле за Мет Лебланк и друг актер.

– Интересно е тоа што другиот актер заврши во серијата, во епизодата „Онаа со Унаги“, глумејќи го лажниот Џои, кога Џои се обидува да заработи пари глумејќи дека има идентичен близнак.

4. Мет Лебланк го повреди рамото за време на снимањето

Во третата сезона, епизодата „Онаа во која никој не е спремен“, Чендлер и Џои се расправаат за фотелјата. Во еден момент и двајцата сакаат да седнат истовремено. Во моментот кога Џои скока да седне на фотелјата, си го повредува рамото.

– Дојдоа болничари, го однесоа во болница и тоа беше крај на снимањето на епизодата – раскажува кокреаторот Дејвид Крејн.

Дислоцираното рамо на актерот беше вметнато во епизодите, па така беше објаснето дека Џои си го удира рамото додека скока на неговиот кревет.

5. „Пријатели“ – филм?

Не е лесно да се одржува одлично пишување, добра приказна, добра хемија и публика во период од 10 години. Но, „Пријатели“ го направи тоа.

Обожавателите на оваа американска серија честопати велат дека речиси секоја ситуација во животот може да се поврзе со некоја приказна од „Пријатели“.

Со години голем дел од обожавателите очајно чекаа обединување во форма на нова сезона или филм. Но, на прашањето од Корден дали размислуваат за тоа, Кудроу вели: – Не, жал ми е, не сум размислувала. Еднаш ги слушнав Марта и Дејвид како велат, и јас целосно се согласувам, дека одлично ја завршија серијата, дека животот на сите е убав и дека ќе треба да ги разоткријат сите добри работи за да има приказни. А јас не би сакала нечиј среќен крај повторно да биде разгледуван. Исто така, на моја возраст да бидам „смотана“? Никако. Мора да пораснеш. (Крај)

извор: Факултети.мк фото: BBC