Охрид 19. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Македонскиот музичар и автор Драган Величковски – Тајзи ја претстави својата најнова песна „Mama/Abba“, моќна музичка приказна која допира до најдлабоките човечки вредности и потсетува на она што е навистина важно во животот.
Песната ја носи пораката за значењето на семејството, почитта кон мајката и таткото како темели на секое здраво општество, но и за духовната поврзаност на човекот со Бог – како извор на љубов, вера, надеж и сила што нè води низ животните предизвици.
Музиката и текстот се дело на Тајзи, а аранжманот го потпишува Иван Јованов – Iwayo, кој стои и зад миксот и мастерингот на песната.
Видеоспотот, кој веќе предизвикува силни реакции кај публиката, е еден од најамбициозните проекти во кариерата на Тајзи. Под режисерската палка на Даниел Јовески, со сценарио на самиот Тајзи и камера на Кристијан Теодоров, визуелната приказна е снимена на неколку од најзначајните македонски културно-историски локалитети во Охрид и Ресен, и тоа Заливот на коските, Плаошник, Свети Наум, Самоиловата тврдина и Домот на култура „Сарај“.
„Mama/Abba“ не е само песна, таа е потсетник на корените, на љубовта што нè обликува и на верата што нè држи исправени кога е најтешко. А ако ова е само почетокот на едно ново и големо поглавје за Тајзи, останува да видиме што ќе биде неговиот следен чекор. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
