Скопје, 25. декември 2025 (ИНПРЕС) – Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) апелира до сопствениците и организаторите на предновогодишни и новогодишни прослави да постапуваат одговорно и целосно да ги почитуваат прописите за заштита од пожари и за безбедност на посетителите.
Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните, ДЗС посочува дека е задолжително меѓудругото да се почитува максимално дозволениот број посетител, а објектите да бидат соодветно обезбедени со исправна противпожарна опрема.
– Целосно да се почитува максимално дозволениот број посетители на организираните настани, согласно капацитетот и важечките прописи; објектите да бидат соодветно обезбедени со исправна противпожарна опрема, којашто е неопходно непречено да биде достапна за итна употреба и што е редовно одржувана; коридорите, излезите и патиштата за евакуација да бидат постојано чисти, проодни и без пречки; излезните врати за евакуација да бидат отклучени и функционални за непречено напуштање на објектите во случај на пожар или друга опасност; да се почитува забраната за користење на пиротехнички средства и да не се користи отворен пламен во затворени простории или други потенцијално опасни материјали спротивно на законските прописи; персоналот да биде информиран и подготвен за постапување во случај на итна состојба, велат од ДЗС.
Потсетуваат дека почитувањето на овие превентивни безбедносни мерки не е само законска обврска, туку е и морална одговорност на секој сопственик и организатор на масовни настани кон неговите гости и вработени. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
