Вевчани, 12. јануари 2026 (ИНПРЕС) – Со настапите на Пука козметика, La Murga Armada, Лозано и Brass Brothers вечерва започнува годинашниот Вевчански карневал. Музичката програма ќе започне од 20:00 часот.
Вевчанскиот карневал е најпознатиот бренд на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи.
Маските се централниот елемент на Вевчанскиот карневал и најпрепознатливиот дел од традицијата. Тие не се изработуваат случајно, ниту пак се користат само за визуелен ефект. Секоја маска носи порака, став или критика кон општеството, политиката или секојдневниот живот.
Посебна карактеристика на вевчанските маски е нивната актуелност. Тие секогаш се инспирирани од настани и појави што ја одбележале изминатата година, што му дава на карневалот улога на жив хроничар на времето.
Преку сатира и хумор, вевчанските маски зборуваат за политиката, општествените појави и секојдневните апсурди. Тие често предизвикуваат смеа, но и размислување. Изработката на маските е сложен и креативен процес, кој вклучува рачна работа и оригинални идеи, што ја прави секоја маска уникатна.
Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва од Горна и Долна маала, што ќе се одржи утре, кога цело Вевчани станува еден голем театар на отворено и сета енергија на василичарите се впива во преубава атмосфера. Вечерта за одлична забава ќе се погрижат Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски и оркестарот на Златко Миладиновски, оркестар со зурли и тапани „Вевчани“, Перо Бели и група „Вип“.
Манифестацијата завршува во среда со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
