Благо подобрување на езерскиот водостој, но и понатаму под месечниот просек
April 1, 2025

Охрид, 1. април 2025 (ИНПРЕС) – Последниве две недели се бележи покачување на водостојот на Охридското Езеро, но и понатаму е далеку од просекот за овој период од годината.

Според денешните мерења на УХМР водостојот е на кота од 693,26 м.н.в што е за 31 сантиметар под просекот за овој месец (693,57 м.н.в) и 16 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 9 степени и е за 1,3 степени пониска од просечната.

Последнава седмица езерското ниво е покачено за 6 сантиметри, додека во изминативе две за 11 сантиметри.

Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.

Во Охрид денес променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе се искачи до 15. степени.

– До крајот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и силен ветер (над 60 km/h). Во овој период локално се очекува да наврне поголема количина на дожд (над 60 l/m2), информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес/УХМР