Габелоска: Веруваме во инклузивно општество во кое секое дете има право на глас и можност
December 3, 2025

Охрид, 3. декември 2025 (ИНПРЕС) – Веруваме дека секое дете има потенцијал, веруваме во инклузивно општество во кое секое дете има право на глас и можност, порачаа од Здружението „ВОПС“ од Охрид по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Овој ден носи длабока порака за почит, еднаквост и човечност, а годинашниот за нив е од особено значење бидејќи го одбележаа во одбележаа во дневниот центар, што започна со работа пред само неколку месеци.

Нашата идеја што пред четири години изгледаше амбициозна денес е реалзирана. Благодарност до Општина Охрид што го избра Здружението „ВОПС“ да ја спроведува оваа социјална услуга. Уште сме на самите почетоци, сѐ уште имаме прием на нови корисници, изјави за Супер радио и InPress Весна Габелоска од Здружението „ВОПС“.

– Од пред четири години досега можам да кажам дека Општина Охрид ни даде една огромна поддршка. Тие имаа огромен слух, градоначалникот, сите советници за нашите потреби. Кога ќе погледнам наназад, пред четири години на 3. декември, имавме презентација во големата сала на општината пред советниците и градоначалникот, каде ги изнесовме нашите проблеми и тогаш само зборувавме дека имаме потреба од дневен центар, место каде што ќе одат децата, каде ќе се интегрират. Тогаш тоа беше слушнато, разбрано, прифатено, можеби и не очекувавме дека толку добро ќе ја прифатат таа идеја. Голема благодарност до Општина Охрид што нашата визија беше разбрана. Благодарност до колегите, здруженијата, донаторите, партнерите и сите што помогнаа овој центар да стане реалност, како и до родителите за нивната доверба, вели Габелоска.

Моментално во Дневниот центар има околу 20 корисници. Габелоска додава дека секој почеток е тежок и сите заедно учиме едни од други, се адаптираме, се трудиме да се справиме на најдобар можен начин со сите предизвици со кои се соочуваме. Од стручен тим располагаат со логопед, два дефектолози, психолог и негуватели, кои се грижат да ги обезбедат сите основни потреби на децата од аспект на терапија, професионална поддршка и нега.

– Се трудиме на најдобар можен начин да ја организираме работата во Дневниот центар, сѐ со цел децата да добијат соответни третмани и квалитетно да го поминат своето време.

Низ годините ова е малку побавен процес, впрочем и во целиот свет, бидејќи цел свет се труди да обезбеди услови и да ги интегрира на соодветен начин лицата со попречености. Ние сѐ уште остануваме амбициозни, имаме уште многу работи што сакаме да ги реализираме и да им го олесниме, да го разубавиме животот на лицата со попречености во Охрид и што е можно повеќе да придонесеме за една вистинска инклузија, да им обезбедиме соответни услови за нивно нормално функционирање, потенцира Габелоска.

Целта е ова да не биде само еден обичен центар, туку да бидат поддршка, ресурси, надеж и промена. Од Здружението „ВОПС“ порачаа до сите да дадат поддршка на овие проекти што се однесуваат на вклучување на лицата со попреченост, затоа што секое лице има право да ги развива своите потенцијали, меѓутоа треба да се создаде содветна средина. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес