Охрид, 28. ноември 2025 (ИНПРЕС) – Врнежите од дожд, некогаш и пообилни, што периодов го зафатија регионот на Охрид значително ја подобрија хидролошката состојба на Охридското Езеро.
За една недела езерскиот водостој е покачен за цели 16 сантиметри, со што поприлично е надминат месечниот просек.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,40 м.н.в., односно на 11 сантиметри над просекот за месец ноември (693,29 м.н.в) и 30 сантиметри над минимално дозволената (693.10 м.н.в).
Колку за споредба, лани во овој период нивото на езерото беше дури и под минимално дозволената кота и изнесуваше 693,07 м.н.в.

Состојба на Охридско Езеро 29.11.2024
По реконструкцијата на регулациониот објект познат како „дрвениот мост“ преку кој се врши регулација на истекот на водите од Охридското Езеро во реката Црн Дрим е најавено дека ќе следи изготвување основен проект за автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, со цел да се обезбеди поефикасна и еколошки одржлива регулација.
Во Охрид денес претежно облачно време со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 7. степени.
– Во сабота на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес







