Лани во Охрид се родиле 399 бебиња, регистриран е негативен природен прираст преку целата година
June 12, 2025

Охрид, 12. јуни 2025 (ИНПРЕС) – Минатата година во Охрид се регистрирани вкупно 399 живородени бебиња, покажуваат конечните податоци на Државниот завод за статистика.

Оваа бројка е за 28 помалку во однос на 2023 и за 15 помалку во однос на 2022 година.

Од новороденчињата 206 биле машки, а 193 женски. Според брачната состојба, 375 се добиени во брак, а 24 се вонбрачни.

Инаку Охрид и 2024 година, како и претходните три ја заврши со негативен природен прираст. По квартали, во првиот беше беше најголем, -73, а најмал во второто тромесечје кога беше -32.

Лани во Струга се евидентирани 475 (263 машки и 212 женски), а во Дебрца 30 (16 машки и 14 женски) живородени бебиња.

На државно ниво во 2024 година се родени вкупно 16.153 деца, од кои живородени се 16.061, а мртвородени 92. Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество.
Генерациска година на раѓање на мајката што се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1994 година.

Во 2024 година се регистрирани 12 живородени деца од мајки на возраст помала од 15 години. Вонбрачни живородени деца се 1.844 или 11.5 % од вкупниот број на живородените деца. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива