Охрид, 23. декември 2025 (ИНПРЕС) – Рехабилитацијата на патниот превој Пресека се одвива со одлична диманмика и до февруари 2026 година би требало целиот патен превој да е завршен, најави заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за транспорт Александар Николоски.
Потенцира дека се работи на 11 км што целосно се рахаболитираат и ќе значат побрз и побезбеден сообраќај.
– Патниот превој Пресека претставува главна артерија, не само за поврзување на Кичево со Охрид и Струга, туку и генерално за спојување на Скопје со Струга и Охрид. Завршувањето на рехабилитацијата многу ќе помогне додека не се пушти целиот автопат Охрид-Кичево, побезбедно и побрзо да се патува, имајќи предвид дека патниот превој Пресека беше во една навистина катастрофална состојба, изјави Николоски.
Тој вчера, заедно со директорот на ЈПДП изврши увид во изградбата на автопатот Охрид-Кичево, пришто истакна дека за прв пат на оваа делница се изведуваат сложени инженерски и градежни зафати, нешто што, како што рече, за прв пат се изведува во регионот, а со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем.
Николоски во оваа прилика не кажа кога комплетно ќе биде готова автопатската делница што се гради повеќе од деценија, а пред речиси еден месец премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува да бидеме при крај со автопатот Кичево-Охрид, во завршна фаза или најдоцна до првиот квартал на 2027 година. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива







