Охрид, 9. мај 2025 (ИНПРЕС) – Нуркачите од Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид утре ќе ја реализираат еколошката акција „Охрид ЕКО 2025“, за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.
Според најавите, во акцијата ќе учествуваат околу 100 нуркачи од земјата и регионот. На повеќе локации, тие ќе го чистат езерското дно од секаков вид отпад. Ќе се чисти кај Градското пристаниште, Љубаништа, Заливот на коските, автокампот „Градиште“ и кај селото Калишта.
– Акцијата ќе започне на Градското пристаниште во Охрид во 11:00 часот. Целта на акцијата што се организира четврта година по ред пред главната туристичка сезона е заштита на биодиверзитетот, подигнување на свеста кај населението и зачувување на природната убавина на eзерото, потенцираат од Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид. (Крај)
извор: ИнПрес фото: НЦ „Амфора“