Објавен конкурсот за најдобра песна за деца „Тоде“
December 2, 2025

Охрид, 2. декември 2025 (ИНПРЕС) – Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и други уметности, „Креативна верига“ од Охрид го објави конкурсот „Тоде“ за најдобра необјавена песна за деца за 2026 година.

Право на учество имаат домашни автори постари од 16 години, кои заклучно со 30-ти декември ќе испратат своја необјавена песна на електронската пошта nagradatode@gmail.com.

– Од песната се очекува да ги исполнува општите начела на книжевноста (лириката) за деца. Сепак, со посебно внимание ќе бидат разгледувани и ценети оние творби што ќе ги земат предвид особеностите на наследството на Илиевски, неговиот однос кон книжевноста и културата и пред сè поетиката на неговата поезија за деца, велат организаторите.

Предвидени се парични награди, за прво место 9.000 денари, за второ 6.000 и за трето место 3.000 денари.

Добитниците на наградите ќе бидат објавени на настанот посветен на Тоде Илиевски, што ќе се одржи на 7-ми март 2026 година во Охрид, додека наградените песни и песните што ќе влезат во потесниот избор ќе бидат објавени во електронското списание за книжевност и друга уметност „(е)Лит“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива