Пица мајсторот од светски калибар Дејан Трајанов – Чеде освои седум медали на шампионати во Бугарија и Србија
December 10, 2025

Охрид, 9. декември 2025 (ИНПРЕС) – Охридскиот пица мајстор од светски калибар Дејан Трајанов – Чеде, продолжува со извонредните успеси и надвор од границите на Република Македонија.

Неодамна учествуваше на два престижни пица шампионати што се одржаа во Бугарија и Србија, а оттаму се врати со седум медали.

Во интервју за Супер радио и InPress разговаравме за овие значајни успеси, производите што ги користи при изработка на пиците, идните планови, но и дали има интерес кај младите да станат пица мајстори или да се усовршуваат.

Колку за потсетување, во мај 2022 година Дејан Трајанов- Чеде беше дел од македонскиот тим, кој го освои осмото место на светски пица шампионат во Рим, Италија. Ова беше за првпат Македонија да се претстави на едно официјално светско првенство и тоа токму во татковината на пицата

Супер радио: Периодов учествувавте на два престижни шампионати, во Бугарија и Србија од каде се вративте со дури 7 медали. Кажете ни за двата натпревари одделно, колку учесници имаше, во кои категории се натпреварувавте, медалите што ги освоивте…

Трајанов: Минатиот месец, 12-ти и 13-ти ноември, учествував на Меѓународен пица шампионат во Софија, Бугарија. Се натпреварував во четири категории, во „pizza in palla“ освоив второ место, како и во „pizza  black box“, во „pizza contemporanea“ трето место, а во „pizza in due“ заедно со мојот когега од Кочани pizzaiolo Петар Цветанов, кој има само 19 години, освоивме второ место. На овој натпревар имаше над 100 натпреварувачи. Покрај тоа на 29-ти и 30-ти ноември учествував на Интернационален пица шампионат во Белград, Србија, на кој имаше преку 150 натпреварувачи од 13 земји. Таму освоив прво место во „pizza Napoletana tradicionale“, како и во „tema libero“, додека пак трето место освоив во „pizza classica“. Посебна благодарност до сопственикот на ресторан „Харбор“ каде се подготвував и каде беа создадени топинзите за самите пици, а воедно и големо бчагодарам за шеф Стиви Дурацоски, со кој задно ги изработивме топинзите, а ми поогна и околу нивен транспорт.

Супер радио: Дали претходно имате учествувано на некои од овие шампионати?

Трајанов: Да и претходно имам учествувано на овие шампионати. Во Бугарија во 2022 и 2023 година кога освоив пет медали, а во Србија бев во 2023 и 2024 година со освоени три медали.

Супер радио: Какви производи користите при изработка на пиците и дали внесувате нешто локално, македонско?

Трајанов: Претежно користам италијански производи со висок квалитет, но понекогаш користам и наши производи.

Супер радио: Дали има интерес кај младите да станат пица мајстори или да се усовршуваат?

Трајанов: Одзивот за млади pizzaioli, односно пица мајстори е многу слаб , можеби поради висината на цените на курсевите за пици. Но, еве конкретно јас во пицеријата каде што работам, „Виа Сакра“, ако некој од вработените искаже желба да научи повеќе околу изработката на пиците, му посветувам поголемо внимание и му помагам да научи нешто плус.

Супер радио: Кои се следните планови, што да очекуваме?

Трајанов: Следно ми е учеството на „Campionato mondiale pizza senza Frontiere“ во Римини, Италија, од 18-ти до 21-ви јануари 2026 година, на кој учествуваат над 1000 натпреварувачи од 30 држави. Планирам да уцествувам во три категории и сум во преговори околу спонзорство за овој настан, бидејки за успех и добро претставување се потребни сериозни подготовки и набавка на врвни намирници што чинат многу пари. А во септември следната година ќе учествувам на „Pizza World Cup“ во Рим, каде сум директно влезен и имам учество во три категории гратис. (Крај)

извор: ИнПрес фото: Дејан Трајанов – Чеде