Охрид, 12. март 2025 (ИНПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро полни три недели е на истата кота, 693,15 м.н.в и понатаму далеку под просекот за овој период од годината.
Оваа кота е за 34 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,49 м.н.в) и само 5 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 9,5 степени и е за речиси 2 степени повисока од просечната.
Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.

Во Охрид денес променливо облачно време. Попладне, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат проследени со грмежи и силен ветер. Максималната температура ќе се искачи до 17. степени.
– Под влијание на топла и нестабилна воздушна маса од југ, следува период на променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите повремено ќе бидат поројни (над 15 л/м2), во форма на невреме проследени со појава на грмежи и силен јужен ветер (над 60 км/ч). Поинтензивни процеси ќе има денеска во вечерните часови во текот на ноќта и во четврток претпладне. Преодно стабилизирање на времето ќе има во петок. Во сабота локално, а во недела и понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го смени правецот во северен, што ќе предизвика опаѓање на дневните температури (7 до 10 степени), информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес/УХМР







