Охрид, 28. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Речиси две недели водостојот на Охридското Езеро е на идентична кота – 693,14 м.н.в.
Согласно мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), оваа кота е за 17 сантиметри под просекот за октомври (693,31 м.н.в), 3 сантиметри под природната кота (693,17 м.н.в) и на само 4 сантиметри над минимално дозволената (693.10 м.н.в).
По минималниот раст на почетокот на месецов, езерското ниво повторно почна да опаѓа. Покрај тоа од препознатливиот симбол на градот Охрид, Билјанините извори, и понатаму не истекува вода, а ваквата состојба трае веќе два месеци.
И додека во минатото имаше случаи кога беше надмината и максималната кота од 693,75 м.н.в, сега повторно состојбата е алармантна бидејќи водостојот се доближува до минимално дозволеното ниво. Ваквата состојба трае веќе подолг период и пред сѐ се должи на долгиот сушен период, состојбата со Преспанското Езеро, отвоерноста на портите кај истекот на езерото во реката Црн Дрим…Во Струга треба да приврши реконструкцијата на регулациониот објект познат како „дрвениот мост“ преку кој се врши регулација на истекот на водите од Охридското Езеро во реката Црн Дрим. Најавено е дека ќе следи изготвување основен проект за автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, со цел да се обезбеди поефикасна и еколошки одржлива регулација.
Во Охрид денес променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 13. степени.
– Денеска ќе има локални врнежи од дожд со послаб интензитет и ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Потоа во следните два дена времето ќе биде стабилно со постудени утра, а нов локален дожд повторно се очекува во петок кон крајот на денот, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес







