Атина, 15. ноември 2016 (ИНПРЕС) – Претставници на грчките и американските власти до доцна синоќа ги финализираа строгите безбедносни мерки за време на посетата на американскиот претседател Барак Обама на Атина.
Првите безбедносни мерки во грчкиот главен град се применуваат уште од вчера и ќе бидат зајакнати уште повеќе, при што американските агенти го имаат главниот збор во планирањето и организацијата, во соработка со грчката полиција.
Според американски извори, Обама пристигна со повеќе од 500 луѓе придружба и припадници на безбедносните сили, од кои повеќето веќе се во Грција. Во рамките на обезбедувањето има и голем број возила опремени со најнова електронска безбедносна опрема, како што се машини кои може да лоцираат и да неутрализираат бомби или да исклучат мобилни телефони и други електронски уреди.
Телохранителите на Обама ќе ги известуваат грчките служби за движењето на претседателот во последен момент, а неговата лична придружба и безбедносниот тим бројат околу 300 луѓе. Од грчката страна, во безбедносните мерки ќе учествуваат 4.500 полицајци, кои ќе го придружуваат претседателот на САД, ќе формираат кордон на патишта и ќе обезбедат други форми на заштита. (Крај)
извор: МИА/Локално фото: Newsbomb