Утре започнуваат свеченосите по повод 81 година од ослободувањето на Охрид
November 5, 2025

Охрид, 5. ноември 2025 (ИНПРЕС) – Утре започнуваат свеченостите за одбележување на 81-годишнината од ослободувањето на Охрид.

Утревечер од 18:00 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче“, а од 19:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“  ќе се одржи Свечената академија по повод Денот на ослободувањето на Охрид. Во културно – уметничката програма насловена „Охридска музичка антологија“ монологот „Гласот на борците“ ќе го извде актерот Жарко Спасовски, ќе следи танцов перформанс и концерт на Охридскиот музички еснаф.

Во петок, 7-ми ноември, предвидени се бројни активности. ЈП „Охридски Комуналец“ ќе го одбележи патрониот празник,  а ќе биде положено и свежо цвеќе на спомен-обележјата од НОБ, на Градските гробишта, во Градскиот парк, пред Основниот суд во Охрид и во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Панихида и полагање цвеќе е предвидено и пред спомен-обележјето на Јасна Ристеска во селото Рамне.

Од 10:00 до 11:00 часот ќе се одржи „Ohrid fly Festival“, регионален параглајдинг перформанс по повод Денот на ослободување на Охрид, по што ќе биде положено цвеќе на спомен-обележјата од НОБ во Спомен паркот на револуцијата.

Како дел од програмата е и свечената приредба по повод Патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ од 17:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“ и Седмоноемврискиот концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето. Од 19:00 часот во предворјето на црквата „Св.Софија“ ќе биде промовиран албумот „Егрегор“ и концерт на Никола Стојковски (Fin project) и Тања Царовска.

Во сабота, 8-ми ноември, од 18:00 часот во ОСУ „Св.Климент Охридски“ ќе се одржи музичко – сценскиот проект „Ехото на Охрид“, свечен аудиовизуелен настан по повод денот на ослободувањето „Развој на животот: Од келија до ѕвезди“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес/архива