Охрид, 5. мај 2025 (ИНПРЕС) – Најавените проекти на градоначалникот Кирил Пецаков за изградба на катна гаража и реконструкција на плоштадот „Крушевска република“ беа во фокусот на денешната прес конференција на претседателот на ОО СДСМ Охрид, Асен Шајн.
Реализацијата на помпезно најавените проекти на актуелниот градоначалник и на ВМРО ДПМНЕ остана само во идно време.
Од реконструкцијата на плоштадот „Крушевска република“ големо ништо, а катната гаража – мисловна именка, рече Шајн. Додаде дека на плоштадот „Крушевска република“ единствено видливо е дека ја нема фонтаната, а просторот е покриен со омилените на сите нас ‘бекатонки’ распоредени во некој чуден редослед. Во однос на катната гаража подвлече дека Охрид сѐ повеќе и повеќе се гуши во сообраќаен хаос, а од најавените катни гаражи зад хотелот „Нова Ривиера“, кај СВР Охрид и кај градскиот пазар, досега не сме виделе ниту една.
– Со оглед на тоа дека се ближат локалните избори, сигурни сме дека ќе започнат како и секогаш со замачкување на очи на граѓаните пропратени со добро препознатлиците сечење ленти и фрлање лопати. Охриѓани, сите ние сме емотивно врзани за овој простор и токму затоа разочарувањето е големо, дотолку повеќе што проектот за плоштадот моменталната локална власт го затекна готов, со постапка донесена до конзерваторско одобрение, а дали тие за четири години успеаа и тоа да обезбедат? А бидејќи не сме виделе ниту една катна гаража, повторно сме сигурни дека пред локалните избори ќе слушнеме нови небулози за овој нереализиран проект, рече Шајн.
Запраша, дали локалната власт старо новото ветување за изградба на катна гаража има план да го реализира преку досега ветеното јавно – приватно партнерство или преку аплицирање за унгарскиот кредит кој ние граѓаните наредните години дебело ќе го плаќаме.
– Колку и да сакаме да најдеме успех во реализацијата на ветените проекти, невозможно е. Дури и самиот градоначалник скоро четири години како негов најголем успех ја истакнува реконструкцијата на улицата „Македонски просветители“, проект што го затекна во завршна фаза од претходната власт како и успехот за раздолжување на сметката на општината која исто така ја затекна речиси 80% завршена. Разочарувачки за охриѓани е како за скоро четири години успеа да се фрли асфалт на неколку улички во градот и околината, а притоа не успеа на готов проект и обезбедени средства од претходната власт да ја доврши целата улица „Гоце Делчев“. Сепак многу прашања остануваат отворени, се обврзувам во иднина да побарам одговор на сите нејаснотии што се во интерес на охриѓани и убеден сум дека граѓаните овојпат нема да ја подарат својата доверба на моменталната локална власт за празни ветувања, вели Шајн.
Потенцира дека тој како нов претседател и општиснската органзација во Охрид изминатиов период се посветиле на анализа на пораките од сопственото членство, на консолидација и реорганизација за поефикасно работење, на детектирање на локалните проблеми како и предлози за нивно решавање. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес