September 26, 2015

Софија, 26.септември 2015 (ИНПРЕС) – Бугарската православна црква, чии верници се повеќе од 80 отсто од вкупното население во Бугарија, ја повика владата повеќе да не ги пропушта во земјата муслиманските имигранти.

– Им помагаме на бегалците кои веќе пристигнаа во нашата татковина, но владата во никој случај не смее да пропушта други бегалци, се истакнува на мрежната страница на Светиот Синод на Бугарската православна црква.

Ова е бран кој ги носи сите обележја на инвазија, се оценува во соопштението.

Бугарија, којашто го зазема централното место на Балканот, е релативно поштедена од најголемиот бран имигранти кои пристигнуваат во Грција, од каде преку Македонија и Србија одат кон Западна Европа. Сепак, низ неа поминуваат десетици илјади имигранти од Сирија, Авганистан и Ирак кои преку Турција сакаат да влезат на територијата на Европската унија, иако Бугарија не е дел од Шенгенскиот простор.

– Проблемите во матичните земји на бегалците мора да ги решаваат оние коишто ги создадоа, а бугарскиот народ не треба да плати за тоа со своето исчезнување, се истакнува уште во соопштението на Светиот Синод на БПЦ.

Бугарија е земја од Европската унија со најголем број муслимани, околу 13 отсто, меѓу кои се Турци, Бугари исламизирани во времето на Османското царство и Роми.(Крај)

извор:Макфакс фото:архива