Белград, 10.јули 2015 (ИНПРЕС) – Српскиот премиер Александар Вучиќ во четвртокот во Брисел изјавил дека навредите кои се упатуваа кон Србија на темата Сребреница никако не водат кон подобра иднина, туку дека тоа треба да се постигне преку еден поинаков, поискрен однос меѓу Србите и Бошњаците, пренесуваат српските медиуми.
Вучиќ рекол дека поради тоа се воздржува од реакција на „бројните навреди кои пристигнуваат, но дека не го прави тоа поради тоа што Србија е слаба, туку поради тоа што земјата сака да гледа кон идината и да ги зачува мирот и стабилноста“.
По средбата со претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, српскиот премиер порачал дека „за оние кои сакаат да ја рушат атмосферата, кои мислат дека со тоа можат нешто да добијат, за нив тој нема одговор и не разбира што тие гледаат во тоа“.
– Меѓусебниот однос на Србите и Бошњаците, тоа е првата работа, а не политичка флоскула поради тоа што Европа бара нешто од нас и јас сметам дека многу поважно е каков однос ќе имаме ние Србите и Бошњаците меѓусебно, а не како тоа ќе биде уредено во Брисел, Њујорк, Вашингтон или било каде, рекол Вучиќ.
На прашањето како гледа на усвоената резолуција за Сребреница во Европарламентот, тој додал дека нема коментар, но додал дека забележал оти „хрватските пратеници биле најгласни и најактивни“.(Крај)
извор:Макфакс фото:архива







