Охрид, 10. април 2023 (ИНПРЕС) – В четврток, 13-ти април, ќе се одржи традиционалниот „Велигденски базар“, организиран од Општина Охрид во соработка со ЈП „Градски пазар“.
Предвиден е концерт и музичко сценски перформанс на охридските културно – уметнички друштва. Ќе се одржи на плоштадот „Крушевска Република“ од 11:00 часот.
На базарот учество ќе земат сите заинтересирани фирми, занаетчии, слаткари, пекари, уметници, производители на охридски и македонски традиционални јадења и др.
Во забавниот дел ќе настапат културно – уметничките друштва „Ѓердан од бисери“, „Ѓердан“, „Отекс“, „Фаланга“, „Филиграни“, „Илинден“, учесниците на детскиот – музички фестивал „Распеано рибарче“, малите ѕвездички со КА – Двојче, најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“ и учениците од општинските основни училишта.
Велигденскиот базар ќе има хуманитарен карактер и дел од собраните средства од продажба на производите ќе бидат донирани онаму каде што е најпотребно.
Исто така, ОО на Црвен крст ќе постави свој штанд, со кутија за донации каде што секој посетител ќе има можност да даде своја донација за помош и поддршка на ранливите категории граѓани, во духот големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива